ЕБР доаѓа во Битола – показна вежба пред Офицерскиот дом
Битола ќе биде домаќин на одбележувањето на 25-годишнината од формирањето на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), по повод која во градот ќе се одржат повеќе активности.
На 19 и 20 август, со почеток во 16 часот, на просторот кај Офицерскиот дом ќе се реализираат вежбовни активности, на кои граѓаните ќе имаат можност да проследат дел од професионалноста, подготвеноста и вештините на припадниците на ЕБР.
Централниот настан е закажан за 22 август, со почеток во 18 часот, кога на платото пред Офицерскиот дом ќе биде изведена показна вежба на Единицата за брзо распоредување.
Присутните ќе можат одблиску да ја видат тактичката подготвеност, обученоста и професионалното делување на припадниците на единицата.
Одбележувањето е посветено на 25 години храброст, професионалност и пожртвуваност во служба на граѓаните и безбедноста на државата.
Организаторите ги повикуваат битолчани во сабота да присуствуваат на централниот настан и заедно да ја одбележат годишнината на ЕБР.
