По години запуштеност, Градскиот стадион во Прилеп повторно е во одлична состојба
Градскиот стадион во Прилеп доби целосно освежен изглед и повторно е подготвен да ги пречека спортските натпревари.
ЈКП „Комуналец“ и ЈКП „Водовод и канализација“, во соработка со Локалната самоуправа, реализираа целосна рехабилитација на стадионот, со посебен акцент на тревната површина и спортската инфраструктура.
По периодот во кој стадионот беше запуштен, а зелените површини и дел од инфраструктурата беа во лоша состојба, беа преземени повеќе активности за негово уредување. На одредени места е поставена нова базна трева, тревната површина е третирана со соодветни препарати, поставен е систем за наводнување, а извршени се и активности за правилно косење и одржување на теренот.
Од надлежните посочуваат дека рехабилитацијата на тревната површина на спортски терени е сложен и стручен процес кој бара време и континуирана грижа. Наместо целосна преработка и пресејување на тревата, екипите на „Комуналец“ успеале да го оспособат постојниот терен и да го доведат во значително подобра состојба.
Градскиот стадион денес повторно изгледа зелено, чисто и уредно, со создадени услови за одржување на фудбалски натпревари и други спортски активности.
