КОЛУМНА Бангиевски: БОЛШЕВИЗМОТ НЕ Е МРТОВ

Uncategorized

БОЛШЕВИЗМОТ НЕ Е МРТОВ

пишува м-р Владимир Бангиевски, адвокат и потпретседател на „Македонски Концепт“

На многумина, драги мои, забележувам дека, не им е докрај јасен поимот „Болшевизам“, па кога ќе се употреби, најчесто претпоставуваат што тој термин значи и со што е поврзан!?

Но, да одиме по ред.

Терминот „Болшевизам“ доаѓа од рускиот збор „бољше“ или „бољшинство“, што во превод би значело “повеќе“ или „мнозинство“!

Имено, првично, во рамките на Руската Социјалдемократска Работничка Партија, како Марксистичка партија и како претходник на подоцнежната Руската Социјалдемократска Работничка Партија (болшевици) – РСДРП(б), односно Сесојузната Комунистичка Партија (болшевици) – СКП(б), односно Комунистичката Партија на Советскиот Сојуз – КПСС, се појавува фракција, на партиски членови, кои биле за радикални („револуционерни“) методи на дејствување и превземање на власта, со цел, воспоставување на комунистичко општество според сфаќањата на Марксизмот, подоцна разработени од Ленин, па нарекувани Марксизам – Ленинизам. Конкретно, Партијата се поделила на Меншевици (рус.: мењше, мењшество – помалку или помалубројно), кои биле малцинска и умерена фракција и Болшевици, кои биле мнозинска – радикална фракција и кои во судирот со фракцијата на Меншевиците, победиле, и го превземале раководењето со Партијата на чело со Ленин!

Во суштина Болшевиците биле „професионални револуционери“, строго внатрешно хиерархиски организирани, со квазивоена дисциплина, водени од принципот на демократски централизам при одлучувањето и спремни за државен преврат! Нивниот водач – В.И.Ленин, ја извел, заедно со нив, Октомвриската социјалистичка револуција во 1917 година, по што се воспоставува тоталитарна комунистичка власт во тогашна Русија, се до 1991 година. Поедноставно кажано, Болшевизмот е Руска варијанта на Марксистичката идеологија, чиј главен идеолог е В.И.Ленин, која има за цел воспоставување на комунистичко општество, единствено преку мобилизирање на масите и изведување на социјалистичка револуција!

Македонија, од времето на АСНОМ – 1944 година до 08.09.1991 година, во рамките на тогашна СФРЈ, го живееше Болшевизмот! Добро, „рака на срце“, уште 1948 година, после судирот на Ј.Б.Тито со Сталин, па се до распадот на втора Југославија, ние имавме разблажена верзија на Болшевизам, олицетворена во тнр. „Самоуправен социјализам“, што ќе рече, имавме многу по либерално општество, со многу по присутни пазарни елементи и отвореност во водење на економијата, иако темелните вредности на марксизмот – ленинизмот никогаш не се доведуваа во прашање!

Колапсот на социјализмот во Источна Европа и Светот и распадот на социјалистичките федерации: СССР, ЧССР и СФРЈ, значеше отварање на процесот на транзитирање, од тоталитарни општества – кон либерално – демократски од Западен тип. Тој процес на транзитирање ние го започнавме уште со Уставните Амандмани на Уставот на СРМ од 1974 година и пред да прогласиме самостојна Република, одејќи паралено со процесите на промени кои се одвиваа во скоро сите тогашни социјалистички земји во Светот!

Новиот, односно сегашниот Устав на РСМ, што го донесовме на 17.11.1991 година, недвосмислено прокламира либерално – демократско општество! Сите Уставни Амандмани на актуелниов Устав, не задираат во идеолошката определба од самиот почеток – 1991 година, да градиме либерално – демократско општество, по примерот на Западните! Тогаш во што е проблемот!?

Проблемот е во моделот! Спротивно на, Уставно – проектираниот, модел на општество од либерално – демократски тип, ние триесет години наназад, создаваме модел на „разблажен социјализам“! Да, ние и ден – денеска живееме и мислам дека сакаме да живееме со тој модел на „разблажен социјализам“! Па, наместо да градиме „минимална држава“ (да ја има онолку – колку што е неопходно потребно!), ние и понатаму градиме „седржавие“ односно бараме да имаме се – присутна држава, која ќе навлегува во сите пори на општеството и ќе ни го определува дури и приватниот живот (таа ќе не вработува или ќе ни бара работа или ќе ни дава сигурна плата секој месец, ќе ни обезбедува сигурна пензија…)!

Ние, спротивно на духот на Уставот (ако воопшто веќе и имаме претстава за тој дух на Уставот!), воопшто и не го изградивме тоа општество за кое се залагавме од самиот почеток, кога се осамостојувавме! Во нашите глави Болшевизмот не умре 1991 година! Тој продолжи да живее со истиот интензитет како во 1944 година! Југоносталгијата е друга тема, но Болшевизмот е сфаќање – калап, драги мои, за тоа како треба да функционира едно општество. Тој калап, наметнат многу одамна, но и срушен веќе многу одамна, (но не и во нашите глави!), и денеска кај нас, во практицирањето на политиката, е мерка за сите политички потези и решенија.

Ние, на пример, се уште мислиме дека државата треба да биде главен стопанственик, наместо претприемачот, па никако да ја доприватизираме економијата со приватизирање на економски безнадежните Јавни претпријатија. Ние се уште мислиме дека државните, осигурителни – пензиски и здравствени Фондови се единствено оправдани и единствени кои треба да ни обезбедат „сигурни пензии“ – а кои се очајни и здравствени услуги – кои исто така се очајни, и мислиме дека треба да градиме социјална држава која ќе значи издржување на огромен број граѓани, наместо да ги вклучиме во економските текови за да бидат продуктивни! И што е најтрагично, ние се уште мислиме дека на власт треба да ги донесеме радикалните левичарски партии, „за да ја оправат државата“ и ни ги вратат „старите добри времиња“, итн., итн,, да не набројувам!

Дали знаете дека ние имаме држава која го обезбедува социјалниот мир од позајмени пари!? Дали знаете дека ние наши пари скоро и да немаме, бидејќи не градиме економија заснована на чисто пазарни принципи – туку градиме „социјала“ и држава на пензионери!? Но, прашањето е до кога така?! Еден ден ќе се разбудиме банкротирани, како што Грците се разбудија така во државата на Ципрас! Тој кога дојде на власт, безмалку им ја кажа на Грците горчливата вистина во лице: „Пари нема и нема да има“!

Па погледнете ги само економските показатели што ги имаме и се ќе Ви биде јасно! Тие се традиционално лоши, а во некои периоди се подобри од најлошите! Да, тоа е реалноста! „Бизнис климата“ е полоша и од пустинска во секој аспект (а и не гледам дека некој е загрижен многу за тоа!)! Сетете се само како државата се справуваше со пандемијата од Ковид 19 во 2020 година и се ќе Ви биде јасно! За државниот (јавен) сектор беше мајка – плати добиваа редовно и без да работат, зошто за нив имаше Корона и беше опасно, а приватниот сектор беше оставен на милост и немилост, како да за него Корона немаше!

Помошта од државата за приватниот сектор беше лицемерна, според мене! А дали сфаќаме дека приватниот сектор е тој – кој што го издржува јавниот!? Или се уште ќе живееме според практиката, „ако нема од приватниот сектор доволно пари – ќе позајмиме пари од странство“! Да, ама до кога ќе позајмуваме!? Тоа има свој плафон! Или, до кога ќе мислиме дека државното вработување е „премијата“ што треба да се добие во животот?!

Мислам дека логиката, дека државата е тука да ни обезбеди се што ни треба, а ако неможе таа – тогаш таа е кривата – никако ние, е таа која не држи закотвени со години, а веќе и децении!

Ако сакаме, (а сакаме!), економски развој и конечно подобар живот за сите, мора да ја смениме сегашната нефункционална општествена и ментална матрица на живеење и функционирање. Таа може да се смени единствено со правење на „колут напред“, преку „ментална гимнастика“ на чистење, на се уште присутниот „болшевички ментален склоп“ во нас самите! На тој начин ќе обезбедиме нешто нормално и докажано како – единствено одржливо!

Времето пред нас треба да биде време за рационални и одржливи решенија! Тогаш, кога тие ќе ги донесеме и примениме – вистински, искрено и доследно, нема да имаме никаква потреба од „увезување“ на Европа кај нас. Европа тогаш ќе ја имаме создадена од нас самите!

Време е за „HOMO ECONOMICUS“ кај нас – конечно и единствено!

M-р Владимир Бангиевски, ср.