
БОГОЈЕСКИ: Заев ќе ја кантонизира Македонија
Голема прашина се крена околу обидот на власта, без законски основ да издаде нови севернизирани лични карти, во кои се воведува двојазичност, а дополнително се мешаат нација со етнос. На нашата објава на оваа тема, жестоко реагираше лидерот на Македонски концепт Петар Богојески, а реакцијата ја пренесоа повеќе портали.
Во појаснувањето на Богојески, дадено за МКДенес, стои следново:
Согласно информациите до кои дојдовме, имаме скандалозна одлука на Владата да издава нови лични карти од утре, без никаков законски основ. Буквално Собранието е суспендирано, Владата спротивно на Устав ја презеде законодавната власт. Ова е вовед во диктатура на една парија, што им доликува на поранешните комунисти од тимот на Заев!
Од утре граѓаните ќе можат да ги подигаат новите лични карти на кои ќе биде впишано новото име Северна Македонија, а печатењето е овозможено откако Владата со подзаконски акт, спротивно на Закон и Устав, овозможи да продолжи печатењето и издавањето на личните документи. Нови лични карти со новото име на државата и двојазични ќе добијат над 40 илјади граѓани кои чекаат два месеца, бидејќи во Собрание беше заглавен Законот за лични карти кој опозицијата го блокираше со над 1.500 амандмани.
Од МВР велат дека се чекало неколку месеци додека не се нашло адекватно решение, па се одлучиле без законски основ да донесат подзаконски акт на министерот Спасовски, што за нив е правна и законска солуција. Ние немаме тука друга промена освен издавање на лични карти со новото уставно име и согласно Законот за употреба на јазиците. Други промени во решението нема, велат од МВР. Старите лични карти на кои сè уште не им е истечен рокот, ќе важат до 12 февруари 2024 година.
Не може да се продолжи имплементација на Преспански договор, без да се отворат преговори со ЕУ! Тоа што го прави актуелната власт е спротивно и на самиот Договор. На овој начин во целост ги рушат темелите на македонските национални интереси, а не оддалечуваат од интеграција во ЕУ! – вели Богојески.
Периодов имаше голем застој во издавањето на личните карти, а МВР искористи шанса пратениците да се на одмор, законското решение остана неизгласано, па си донесе подзаконски акт за усогласување на Законот за лични карти со Законот за употреба на јазиците.
Во делот на албанскиот јазик, имаше реакции дека и на албански е погрешно напишано?!? Не знам албански и не можам да констатирам. На мене лично не ми пречи употребата на сите јазици на сите наши граѓани во нашите лични карти! Кантонизацијата нема да дојде поради употреба на јазиците, туку начинот на кој се поима нацијата. – е ставот на Богојески.
„Поимање на нацијата“ е премногу апстракно кажано, па побаравме да се изјасни прецизно на што мисли? Како Заев ќе ја кантонизира Македонија?
Основата на заевото „едно општество за сите“ е целосно промашен. За време на референдумот за името Македонија потрошивме огромна енергија на објаснување за делот на договорот каде се појаснува терминиот „nationality“. Тоа доаѓа од нација и означува државјанство, а не етничка припадност. За тоа си постои термин ethnicity! Но начинот на кој се поима терминот “нација” во Македонија и сега се става во личните документи, е всушност главниот дефект, кој ќе доведе до кантонизација. Ако “нација” за нас стане етнос, Македонија ќе се распадне! Тоа ќе создаде повеќе нации во една држава, што ќе биде уникатен пример во светот. Такво нешто, една држава со повеќе нации, на друго место на планетата Земја не постои. По нација сите ние сме Македонци, а по етнос се разликуваме! Македонската нација е државјани на Македонија, се друго е влегување во филмот на “народи и народности” и со тоа крај на унитарна Македонија! Ова е доказ дека целосно е промашен заевиот концепт “едно општество за сите”, а дефинитивно ќе резултира со поделба на Македонија на минимум два, а може и повеќе кантони! – појани Богојески.
Дополнително, влезот во ЕУ е клучен за унитарноста на земјата, а токму поимањето на нацијата е тајната за решавање на “бугарското прашање”! Ако дозволиме Заев да го направи ова, што сега го прави со личните карти, а тоа е нација да поистовети со етничка припадност, никогаш нема да има решение со Бугарите. Дефинитивно ја затвораме портата за ЕУ, а со Опнат Балкан Заев сака да отвори порта за кантонизација на земјава. Мора да го спречиме пред да ја уништи државноста на Македонија!
Нашиот Македонски концепт е “една нација сме сите граѓани на Македонија”!!! – заврши Богојески
Од владејачката СДСМ тврдат дека издавањето на лични карти со Северна Македонија и без да се донесат законските измени е сосема легално, а при тоа не се осврнуваат на термините, а за опозициската ВМРО-ДПМНЕ кршење на Уставот и на законите е тоа што МВР со подзаконски акт го одблокира издавањето на лични карти.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски рече дека „после промената на власта во Македонија, која ќе се случи после претстојните локални избори, ќе следи одговорност“.
СДСМ возврати дека „МВР како надлежна институција и министерот за внатрешни работи ги имаат сите законски овластувања за донесување на подзаконскиот акт со кој се уредува издавањето на лична карта за граѓаните, а во согласност со Уставот, Уставните амандмани, Законот за лична карта и Законот за употреба на јазиците.