KOЛУMНA Ajpyлaи: Кој е крив?
Кој е крив?
пишува м-р Лулјета Ајрулаи, копретседател на Женски Концепт
Бројот на новозаразени од делта сојот почна нагло да се зголемува. Овој пат се повеќе се инфицираат млади лица. За жал, се зголеми и бројот на починати лица. Поради ова, владата донесе одлука да воведе рестриктивни мерки кои се применуваат од 16-ти август. Со овие мерки им го ограничува движењето на граѓаните и ги присилува да се вакцинираат.
Но, зошто владата не воведе рестриктивни мерки како превентива за да не дојде до проширување на вирусот? Зошто владата дозволи да се организираат свадби, прослави, забави, концерти? Зошто владата не воведе никакви мерки и контрола на границите при влез и излез? И сега кој е крив? Секако, од владата како и секогаш си кажаа дека криви и одговорни се граѓаните. Има и граѓани кои се неодговорни тоа не е спорно, меѓутоа зошто владата навреме не презеде мерки за заштита? Туку сега и текна да им забрани на луѓето да одат во кафулиња и ресторани, им забранува да одат во молови и трговски центри. Ги условува за културни настани, обуки и семинари. Зошто не воведе вакцинален сертификат за одење на свадби? Свадбите се најголемиот фактор за проширување на заразата.
Изгубена во нелогичноста, владата ги присилува да се вакцинираат и оние граѓани кои прележале и имаат развиено имунитет. Стручните лица кажуваат дека треба да поминат најмалку шест месеци за да се вакцинираат прележаните. На вакциналните пунктови се создаваат големи гужви каде нема дистанца меѓу луѓето, повеќето не носат ниту маска. Се чека со часови. Токму вакциналните пунктови стануваат нови потенцијални жаришта на вирусот. Кој е крив за ова?
Лекарите укажуваат дека со првата доза на вакцина се уште не сте заштитени, а после втората доза треба да поминат најмалку две недели за да се створат антитела и да се развие имунитет, а со мерките на владата после примање на првата доза се добива вакцинален сертификат и вие слободно веднаш може да си одите во кафич, на журка, на одмор и каде сакате! Апсурд.
Владата ги принудува граѓаните да се вакцинираат со вакцини за кои никој не сноси одговорност доколку имате последици! Владата со забрани и ограничувања сака да ги натера граѓаните да се вакцинираат! Од друга страна, вакцинирањето е доброволно се потпишува дури и согласност дека самите прифаќате да се вакцинирате и тоа е на ваша одговорност! Министерот за здравство е лекар по професија, но со сите негови досегашни несериозни и нестабилни постапки самиот придонесе граѓаните да ја изгубат довербата во него и да не му веруваат повеќе. Дури стана и предмет за потсмев.
Поради нелогичните и апсурдни мерки граѓаните со право се одлучија да протестираат. И треба да протестираат. Само треба многу да се внимава затоа што на протестите секоја влада инфилтрира свои хулигани и провокатори кои имаат за цел да го девалвираат и упропастат протестот. Затоа треба добра организација, со јасни цели и говорници. За крај, чувајте се себеси и другите, носете маска, дезинфицирајте се, одржувајте дистанца особено од владини функционери и нивни полтрони.