Македонија има нов музички бисер: Младиот Андреј Цековски освои прво место на меѓународен музички натпревар
Македонија отсекогаш била расадник на таленти — млади луѓе кои со својата посветеност, знаење и љубов кон уметноста успеваат да остават белег и надвор од границите на земјата. Уште една потврда за тоа е успехот на младиот пијанист Андреј Цековски, кој со својот талент блесна на меѓународната музичка сцена.
Андреј, ученик во 5. одделение во нижото музичко училиште при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, под менторство на наставничката по пијано Марија Диманин Богоевска, ја освои Првата награда на престижниот меѓународен натпревар International Youth Music Competitions, одржан во март 2026 година.
Тој се натпреваруваше во категоријата „USA Classical Hobbyist“, каде со својот впечатлив настап успеа да се издвои меѓу бројни учесници од различни делови на светот.
Според оценката на жирито, Андреј покажал исклучителна музикалност, сигурна техника и уметничка зрелост која ретко се среќава кај толку млади музичари.
„Со својот впечатлив настап, Андреј се издвои меѓу учесници од повеќе земји од светот, покажувајќи исклучителна музикалност, техника и уметничка зрелост. Овој успех претставува значајно меѓународно признание за неговата посветеност и љубов кон класичната музика“, стои во образложението на жирито.
Како дополнително признание за постигнатиот успех, младиот музички талент доби и официјална покана во септември да отпатува во Њујорк, каде свечено ќе ја прими наградата и ќе настапи на концертот на победниците.
На натпреварот учествувале млади музичари од Австралија, Канада, Кина, Полска, Украина, Турција, Соединетите Американски Држави и многу други земји, а освоената Прва награда уште еднаш потврдува дека македонските млади таленти успешно чекорат кон светските сцени.
Успехот на Андреј Цековски не е само личен триумф, туку и гордост за македонското музичко образование, доказ дека талентот, трудот и вистинското менторство можат да создадат идни уметници со светски потенцијал.
