Македонија на чекор до роаминг без дополнителни трошоци во ЕУ, Европската комисија ги започна преговорите
Европската комисија ги започна преговорите со шесте земји од Западен Балкан за нивно вклучување во европската шема „Роаминг како дома“, со која граѓаните ќе можат да ги користат мобилните услуги во земјите на Европската Унија без дополнителни трошоци за роаминг.
Преговорите ги опфаќаат Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Иницијативата ја најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на регионот во октомври.
Со приклучувањето кон шемата, граѓаните од Западен Балкан ќе можат да остваруваат телефонски разговори, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилен интернет во земјите на ЕУ според условите на своите домашни претплатнички пакети. Истите правила ќе важат и за граѓаните на ЕУ кои патуваат во земјите од регионот.
За да стапи во сила оваа промена, потребно е склучување поединечни договори со секоја од земјите, како и целосно усогласување на националното законодавство со европските правила за роаминг. Откако ќе бидат исполнети условите, Европската комисија ќе побара од Советот на ЕУ да го одобри проширувањето на заедничката роаминг-зона.
Советот на ЕУ уште во јуни 2026 година даде зелено светло за отворање на преговорите, а нивното официјално започнување е следниот чекор во процесот.
Засега нема конкретен рок за завршување на преговорите, ниту датум од кој дополнителните трошоци за роаминг ќе бидат укинати. Тоа значи дека граѓаните сè уште ќе треба да ги плаќаат постојните роаминг-тарифи сè додека не заврши процесот и не биде официјално одобрено приклучувањето на земјите од регионот кон европската шема.
