КОЛУМНА Атанасовски: Славење на смртта, дваесет години подоцна

Колумни

Славење на смртта, дваесет години подоцна

пишува м-р. Благојче Атанасовски, политички аналитичар

Одбележувањето на дваесетгодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор (ОРД), со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија, е доволен  историски период, за да се направи еден политичко-аналитички пресек од оваа временска дистанца на воените настани и формално-правниот документ кој беше институционално вграден во македонскиот устав и политички систем. И покрај тоа што денеска се тврди постојано, дека воениот конфликт бил инициран за зголемување на етничко-културолошките права на албанската етничка заедница кај нас, чесно е да се потсетиме дека истиот почна како „ослободување на исконските и вековни албански територии од словенскиот окупатор“, односно војната, како и секоја беше водена за „територијални“, а не јазично – образовни и други права од секојдневниот живот на граѓаните. Коминикето на паравоената терористичка ОНА (според терминолошката квалификација на Џорџ Робертсон), ни го укажува тоа.

Најголемата измама на векот

Што се смени дваесет години по потпишувањето  на најзначајниот внатрешнополитички документ кај нас, и дали истиот ги оствари целите за кој беше потпишан? Од аспект дека воената криза беше прекината со истиот и Македонија освен од локализиран воен конфликт не заврши во целосна граѓанска војна, како таа во Босна и Херцеговина, можеби Рамковниот договор ја исполни целта, но толку. Предвидениот нормативен дел, теоретски, во практика беше сосема спротивно спроведен од тоа што го замислија архитектите на ОРД, а тоа е создавање на инклузивно, граѓанско, надетничко општество, во кое системски ќе бидат инкорпорирани етничките културни, јазични и национални права.

Командантите од ОНА, ги закачија воените униформи и се пензионираа од воените настапи, за да ја формираат политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ), во 2002-та година, непосредно пред „легендарните“ парламентарни избори на 15-ти септември, и оттогаш се главен и незаобиколен фактор на македонската политичка сцена, без чие присуство, не може да се замисли, ниту пак да се конституира ниту една македонска извршна влада. Дури, слободно, можеме да констатираме  дека доминантните политички партии, во т.н македонски политички блок, двата пола на македонската политика СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, беа тотално зависни од политичката волја на неприкосновениот вожд на ДУИ, командантот Али Ахмети, без чија поддршка не можеа да ја состават владата. Тоа најдобро се виде после парламентарните избори во 2016-тата година. Сепак, што донесе во практика ОРД, во однос на замислениот теоретски поттекст?

Охридскиот договор не ви дава леб

Наместо интегрирано граѓанско општество, Рамковниот договор создаде една билингвинална федерација, во која македонскиот и албанскиот јазик функционираат во паралелизам. Поттикнување на етничките симболи, кои го подвојуваат, но и го подјадуваат одвнатре самото општество, и можеби најбизарно од се: масовно вработување на партиски кадри во македонската администрација, кои што со децении седат дома и земаат плата од буџетот на државата (читај: од сите граѓани/даночни обврзници).

Секоја година, на 13-ти август се слави потпишувањето на Рамковниот договор, но прославите се само протоколарни. Освен целата партиска свита на најдоминантната етничкоалбанска партија кај нас, ретко кој македонски политичар оди и реално „прославува“ таму нешто. Бидејќи нема и што да се слави. Оваа партија (ДУИ), целосно го партизираше и приватизираше овој настан, како свое „чедо“, припишувајќи си ги исклучиво заслугите за него, на нив самите. Затоа и секоја етничкоалбанска опозиција одбива да присуствува на прославите, а единствено само државните функционери, повеќе од некоја куртоазност (премиер, претседател), се појавуваат на овој скапо платен настан (годинава 500.000 евра буџетски пари).

Дали ОНА, денешната  ДУИ, ги оствари зацртаните цели? Ако го прашате првиот вицепремиер Артан Груби, ќе ви одговори дека да, но „духот на ОРД, е секогаш жив“, односно самиот договор не може да биде исцрпен. Но ако отидете во по едно село од сите општини во кои живеат мнозинство етнички Албанци кај нас, почнувајќи од Липково на север, до Струга на југозапад, тешко дека некој партиски неопределен Албанец ќе ви каже дека е задоволен од исполнувањето на „целите“ на ОРД и нивниот застапник ДУИ.

Бидејќи зголемените етнички права, не ги хранат, гладните усти на многудетните албански семејства, не создаваат благосостојба, висок животен стандард и услови кои ви овозможуваат да гледате перспективна иднина во родното место, тука во Македонија, независно дали сте родени во Боговиње, Зајас, Босилово или пак Новаци. Напротив, дваесет години подоцна, етничкоалбанските села во цела Северозападна Македонија се опустошени, масовно иселени во западноевропските земји, и тој тренд во иднина само ќе се зголемува.

Одиме кон либанизација, наместо кон европеизација

Можеби ОРД претставува најголем институционален системски фелер за спроведување на пописот во Македонија, кој буквално од годината кога е формирана ДУИ, не е спроведен во Македонија, токму поради стравот, предвидените етнички квоти за ползување на етничките права во институциите на системот, дека може да испаднат под законски зацртаната бројка. Од друга страна, реалниот приказ на населението во Македонија, парцијално ако погледнеме и низ етничкоалбанските средини, ќе биде и еклатантен пораз за „успешната политика“, од спроведување на самиот Рамковен договор и 18-наесет годишното упражнување на извршната власт на партијата – создател на договорот.

Колку и да звучи оксиморонски, секоја година на 13-ти август, ние ја прославуваме смртта на Македонија, таа бавна, одумирачка, која се преповторува како неподнослива леснотија на умирачкото живеење, тука под овој заеднички покрив од 25.713 квадратни километри. Македонија се повеќе станува етнички одвоено општество, со потенцијал на либанизација или кипаризација, во однос на политичкото уредување, и се повеќе станува земја на старци, независно дали се тие етнички Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи или други? На крајот на денот, пак најважното прашање на овие претстојни локални избори ќе биде дали „Кичево повторно ќе биде предадено во рацете на Македонците“?!