КОЛУМНА Ајрулаи: Пожар влада

Колумни

Пожар влада

пишува м-р Лулјета Ајрулаи, копретседател на Женски Концепт

На празникот Илинден изби страотен пожар во Кочани, кој им ја расипа приватната забава на владата на Мечкин камен, па владини министри така дотерани отидоа со своите луксузни автомобили да се сликаат на лице место. Директорот на ЦУК Ангелов ѓерамидата им порача на граѓаните да бегаат од огнот, бидејќи може да изгорат! Исто така, изјави дека канадерите не биле сервисирани! Па дека не е набавено гориво. На крај им порача на жителите да издржат до утре сабајле тогаш ќе ги спасат!

На ова се надоврза и претседателот на нашата земја кој изјави дека немаат хеликоптери кои летале ноќе! А во утрешниот ден дојде спасот, се појавија ФАП камионите од времето на Тито! И пожарот веднаш беше изгасен. И после 40 години од смртта, Тито ги спасува живите! Ќе беше многу комично ако ситуацијата не беше сериозна и трагична. Владата беше затекната од овие пожари.

Како може во лето да има пожар? Како може на овие горештини да избие пожар? Нема авиони, нема гориво, нема пилоти, нема противпожарни возила, нема доволен број пожарникари. Пожарникарскиот возен парк е од годините веднаш после втората светска војна. Речиси сите противпожарни возила биле донации. Ама затоа имаме богати владини функционери кои зошто би купувале противпожарно возило кога можат да си купат поскап луксузен мерцедес или ауди за себе? Зошто да ги опремуваат пожарникарските единици кога може да си купат ф’стаци, индиски ореви, бадеми, леблебии и лубриканти?

Зошто воопшто да се замараат со елементарна непогода како што е пожарот, кога може да коленичат пред Вучиќ за да им прати помош? Исто како што се излигавија за вакцините. Владата на нашата земја со оглед на тоа што е многу зафатена со крадењето упссс, “со градењето” на нашата земја нема време да размислува за мали работи како што се пожарите. За жал, бројот на пожарите почна да се зголемува и зафатија и други делови од земјата. Секако има налудничави глави кои и намерно предизвикуваат пожари, за да докажат колку е неспособна оваа влада. Но тоа е многу глупава идеја и нехумано, бидејќи и без пожари очигледна е неспособноста и неажурноста на оваа влада, од сателит може да се види колку се расипани.

Со намерните пожари само се нанесува штета на невино население и се уништува природата, флората и фауната. Тие лица треба да бидат свесни дека со пожари не може да и наштетат на влада, која самата е пожар и елементарна непогода. Бидете совесни, заштитете се себеси и животната средина. Не е природата виновна што имате неодговорна влада. На крај, во кризна состојба Заев и министрите отидоа да се ладат на море, а вие изгорете кому му е гајле.