ВАЖНО: Ако Германија не успеа, како Македонија со вакви поплави

Македонија, Свет

Откако Германија и Белгија беа катастрофално поплавени, најавите за невреме и во Македонија предизвикаа сериозни дилеми. Се поставува прашањето колку навистина се подготвени надлежните служби да се справат со евентуални природни непогоди од поголем размер?

Самата помисла на катастрофата кога само за половина час, поројниот дожд во август 2016 година предизвика незапаметени поплави во скопско Стајковци, во кои животот го загубија 23 лица, кај граѓаните предизвикува ужас. Доволно е да се отиде на терен да направи увид на одводните канали во Скопско, се ќе стане јасно. Некои лекции и натаму остануваат ненаучени. Купишта земја и шут, стари ќебиња, вегетација и што ли уште не е нафрлано во одводните канали, така што дури и при многу помал дожд, тие нема да можат да ја одведат надојдената вода и повторно може да дојде до поплави.

Ако Германија и Белгија, кои имаат добро организирани тимови за спасување, не успеаја да одговорат на природната катастрофа и настрадаа повеќе од 90 луѓе, дел од нив и пожарникари и спасувачи, тогаш останува македонските граѓани да се молат на Господ да не се случи некаква катастрофа од поголеми размери, оти последиците, како што сега стојат работите, ќе бидат погубни. Земјава има најмалку две државни тела, како Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, кои треба да одговорат во вакви ситуации, но досегашните искуства покажаа дека освен меѓусебното префрлање на одговорноста меѓу институциите, на терен во услови на несреќи и катастрофи не беше одговорено соодветно.

Ние не успеавме еден човек со мозочен удар да спасиме, а ако не беше приватно лице од Кичево да спаси болен маж завеан во селото Богдево, со својата моторна санка во болница, и тој ќе завршеше трагично. Имаме секојдневни вакви примери, па граѓаните се прашуваат како надлежните што се платени да помагаат во услови на природни катастрофи ќе одговорат на предизвиците. Според власта, први што интервенираат се општините, а ако обемот на катастрофата го надминува нивниот капацитет, тогаш се вклучува ЦУК.

Оттаму уште додаваат дека во кризна состојба со одлука на Влада можат да учествуваат и меѓународни организации, институции и поединци. ЦУК се пофали дека испратиле „екипи“ да шетаат по Скопје и да следат состојба. Дури донеле одлука на хартија за делумна мобилизација, односно за зголемување на подготвеноста на тимовите што ги имаат и што се формирани во различни региони од земјата. Како и да е, долгиот синџир при носење одлуки за интервенции не ветува вистински и навремен одговор на евентуална природна катастрофа. Како што сега се поставени работите кај нас, локалната власт се ангажира околу подготовките за локалните избори, наместо на превенирање кризни состојби што може да бидат предизвикани од евентуални природни непогоди. Во една таква ситуација, она што им преостанува на граѓаните е да се надеваат дека невремето што деновиве ја опустоши половина Европа, ќе ја одмине Македонија.