Вакцинирани се 453 илјади граѓани
Вакцина заклучно со вчера примиле вкупно 453 773 граѓани, а со двете дози досега се имунизирани 272 129, соопшти Министерството за здрвство, кое информира дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
-Прва доза вакцина вчера примиле 6076 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10 817. Во државата вкупно се аплицирани 725 902 дози вакцини. Граѓаните се вакцинираат без закажан термин, во постоечките вакцинални пунктови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба, наведува Министерството за здравство.
Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Со последните бројки, барем една доза вакцина примиле 58 отсто од населението над 70 години, 55 отсто од повозрасните од 65 години, 51 отсто од населението над 60 години и 41 отсто од тие што се на возраст над 50 години.
Министерството апелира до граѓаните да се вклучат помасовно во вакцинирањето за да се надмине епидемијата со вирусот. Информира и дека веб-страницата вакцинација.мк е отворена за закажување термини за вакцинација на деца.