НОВО: Пингвини во ЗОО Скопје

Забава

Од денеска, во скопската Зоолошка градина може да се видат новите жители, пингвините. За првпат во своето постоење градината доби пингвини, вкупно девет, од кои три се од Италија, а шест од Русија. По карантинскиот престој и адаптација, пингвините се пуштени во надворешното живеалиште кое е градено по светски стандарди и со идеални услови за овој вид пингвини. Станува збор за јужноамерикански хамболт пингвини, кои можат да живеат и на повисоки температури.

„За првпат од своето постоење од 1926 година, Зоолошката градина добива пингвини. Бараат многу нега на стапалата, а се хранат со свежа риба, што значи неколку пати во денот треба да се одмрзнува и подготвува. Потекнуваат од Чиле и Аргентина каде се навикнати на ветер, па затоа во живеалиштето поставени се специјални вентилатори со кои ќе ги разладуваме“, рече зоо негувателот Војо Иванов на денешното отворање на живеалиштето.

Поради специфичните услови кои ги бараат, зоо негувателите мора да внимаваат постојано и на надворешната температура, врнежи на дожд и снег, колку ќе се качи или спушти температурата навечер. Ако падне под 5 степени мора да се затворат во внатрешното живеалиште, ако се качи над 25, пак мора да бидат во ладна соба. Летниот период е попроблематичен поради можна појава на маларија.

Многу често комарци носат болести на кои пингвините можат да бидат осетливи, па поради тоа во живеалиштето е насадена лаванда, а ќе се постават вентилатори и специјални УВ ламби кои ќе ги бркаат комарците.