
СКАНДАЛ: Режимот на Грујо вода да им носи!
На денешната владина седница на демек демократската влада на Заев, биле разгледувани предлози како да се малтретираат и заплашуваат административци, особено пред локалните избори. Еден од предлозите бил преку видеонадзор и боди-камери да се регулира работата на службениците во ситуации кога е неопходно тие директно преку физички контакт да работат со граѓаните.
Ваквиот предлог за контролирање на работата на службеници наводно бил со цел да служи како механизам за превенција од корупција, а всушност е заплашување пред избори.
– На седницата беа презентирани и предлози за институциите кадешто е неопходно физичко присуство на службено лице во работата со граѓаните, да се регулираат преку видео надзор и боди камери, како механизам за превенција од коруптивни дејствија, се вели во владиното соопштение.
Тоа значи дека со сигурност ќе бидат снимани и граѓаните кои бараат услуги од администрацијата. Оваа пасија за снимање на граѓани ја имаше поранешниот режим на Груевски, особено братучедот Мијалков. Дали сега истата пасија се пренела врз Зоран Заев и негови соработници? Со оглед на информациите дека Протугер, мозокот на режимот на Грујо, станал главен советник на Заев, не е чудно да се воведуваат режимски мерки во земјава.
Предлозите се разгледувани во рамки на дискусијата за Планот за борба против корупција кој предвидува дигитализација на процесите што треба да го намали директниот контакт на службениците и граѓаните, а со тоа и да ја намали корупцијата. Работната група, велат од Владата, веќе ги подготвува и сите предлог-измени на закони за да може да се спроведе дигитализацијата и, како што информирал вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, истите ќе бидат подготвени и испратени во Собранието до крајот на август.
Владата е на прав пат да ја уништи корупцијата во земјава. Ќе лови корупција кај куририте и чистачките, а функционерите се часни сестри. Таму нема корупција. Тоа го потврдува убедувањето кај властите дека корумпирани се обичните службеници, работници и секретарки, а не министрите и функционерите. Ова се невидени антикорупциски мерки во светот, може и Уганда да позавиди.
На седницата Владата одлучила да формира уште една работна група која ќе има задача да дефинира каква опрема е потребно да се набави за дигитализацијата на процесите. Тоа е најдобар начин ништо да не се заврши. Работната група треба да договори уште еден тендер за богатење на некој министер, а за малтретирање на граѓани и службеници. Ова е демократски дострел на демократската власт на Заев.