ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се обединија

Балкан, Македонија

Се почесто сретнуваме примери на одлична соработка помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Покрај заедничката заложба за конечно донесување на антиЕУ Резолуција во Собранието, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се договорија и за бизнис планот на Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка да ги гради автопатите од Коридор 8 и 10 без тендер, со директна спогодба со Владата. Тоа значи дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ, господин Христијан Мицкоски има полна доверба во премиерот Заев, да склучува милионски договори во четири очи. Ова е здраво за развојот на демократијата во земјава, истакнуваат политичките аналитичари, блиски на власта и опозицијата.

Пред три месеци беше соопштено дека е потпишан Меморандум за соработка со американско – турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Специјалниот закон по скрaтeна постапка го помина комисискиот филтер, без забелешка и со братска слога на двете партии.

Во предлог законот е предвидено стратешкиот партнер да го менаџира проектирањето и изградбата на деловите од Коридорите. Финансии ќе се „црпат“ од буџетот, но не е наведно колку би чинел. Штом народ плаќа, тука се ВМРО ДПМНЕ и СДСМ заедно да потрошат максимум што можат.

Не е избрана соработка со било кој, Бехтел е баш гигант. Станува збор за најголемиот американски контрактор по приходи додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји и пред десетина години вртеле 40 милијарди долари годишно. Во 1998 корпорацијата постигна договор за градење автопат во Хрватска, во директни преговори и без наддавање. Под притисок на ЕУ, Хрватска се откажа од директно договарање и отиде на јавен тендер.

Сличен e случајот и со Романија каде во 2003 година беше постигнат директен договор за модернизирање на речиси непостоечки автопат, за цена од 2,7 милијарди долари. Косовскиот договор бил од фрапантната сума од 1,3 милијарди долари, но конечната цена ќе биде утврдена откако сè ќе биде завршено.

Доколку успее оваа слога, можеби ќе бидеме конечно земја со автопати. Исто земја на Резолуции или разно разни резили. Се надеваме за кратко да видиме блескави резултати од оваа љубов, говорат аналитичарите.