Руски казачок на бугарска гајда

Uncategorized, Балкан, Македонија, Политика, Свет

Македонските политички партии, полека но сигурно тргнаа по грчкиот пат за бугарското прашање во Македонија. Само помислете како ќе беше ако го решевме спорот за името со Грција во 1993 година? Уште во 1995/8 ќе бевме членки на НАТО и ЕУ, а сега ние ќе и поставувавме услови на Бугарија за да влезе во тие две организации. Македонскиот инат го направи своето, се самоубивме со нашето задоцнето решение. Сега истото го правиме со Бугарија. Наместо решение во 2021 година, ние копаме ровови, прашањето ќе го решаваме во 2051 година, но тогаш ќе платиме многу поскапо. Кој го наложи тој план?

За да влеземе во такво сценарио, потребен е силен меѓународен фактор, кој може да наложи на политичарите во двете или трите држави да го спроведуваат. Тој фактор треба да биде против стабилно јужно крило на НАТО и против проширување на ЕУ на Балкански полуостров. Кој може да биде толку силен фактор кој е моќен во Бугарија и да нарача рамковна позиција во нивното собрание? Кој може да биде толку силен фактор кој е моќен во Македонија и да нарача резолуција во македонско собрание? Кој може да нарача суспензија на Преспански во грчко собрание? Кој може да наложи на Албанија да прави „мали шенгени“ со Србија? Кој може на Србија да и наложи да дејствува анти ЕУ на Балканот? Тоа е само една сила, Русија.

Сосема очекувано беше тој антимакедонски план да пристигне од руските кујни. Како секогаш во историјата, така и денес, Русија се обидува на македонска сметка да протурка некои свои планови. Македонија повторно да биде јаболко за поткусурување. Сосема очекувано беше тој план во Бугарија да го промовираат руските бандити како ВМРО БНД на Каракачанов и олигархиската екипа на Борисов.

Исто така, сосема очекувано беше рускиот казачок на бугарска гајда да го изигра ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Токму нив им беше заповедано да започнат да работат на спроведување на огледален план на оној на Каракачанов. Што предлага тој во Бугарија, огледално тука во Македонија да предлага Мицкоски. Каракачанов со резолуција, Мицкоски со Резолуција. Така доаѓаме до резолуцијата на ВМРО ДПМНЕ поднесена во македонскиот парламен. Со тоа се цели на вкопување во ровови на двете страни и одложување на бугарското прашање за следните 30 години. Со тоа суспензија на проширување на ЕУ во следните 30 години.

Откако деновиве резолуцијата што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ беше поддржана од измеќарските структури на фамилиите кои управуваат со Македонија и сакаат да продолжат да го ограбуваат македонскиот народ, не сакаат влез во ЕУ, не сакаат промена на системот во земјава, им наложија на СДСМ, Левица, ДОМ, ЛДП и ДС, да застанат на руското оро. Познато е дека овие партии се формирани и финансирани од тие десет фамислии. За нив не е битен македонскиот национален интерес, битни се личните фамилијарни интереси.

СДСМ после пропаста на „Преспанскиот самит“ во Охрид, и шамарите од претставниците на САД Рикер и Палмер, јасно беше дека го менува курсот и ќе се обидат на истиот начин како Груевски да опстанат на власт со помош на криминалните фамилии. Токму затоа застануваат зад резолуцијата на ВМРО ДПМНЕ. Односно од прозападен курс, тргнуваат во авантура слична на онаа на поранешниот претседател Груевски. Анализите се дека Заев ќе заврши многу полошо од Груевски.

Очекувани се реакции од западните сојузници, особено од САД, со цел да го спречат рускиот казачок на бугарска гајда и уништување на македонската државност. Откако сите условно кажано македонски партии во Собранието се фатија на орото, останува само албанскиот фактор во земјава повторно да ја спасува Македонија од таквите сценарија. После македонските се произнесоа и партиите од албанскиот блок. ДУИ бара усогласување на текстот меѓу сите парламентарни партии, додека АА и Алтернатива очекуваат дебата во Собранието.

Но, и владејачката ДУИ и опозициската коалиција Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива укажаа дека треба да се внимава, резолуцијата да не му наштети на евроинтеграцискиот пат на државата. Токму тоа е клучната порака и аргумент против руското сценарио. За АА и Алтернатива е проблем тоа што ДУИ и СДСМ немаат заеднички став околу резолуцијата.

Тие реагираат на изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека оваа резолуција и штети на меѓународните тенденции на земјата, но исто така имавме и изјава на пратеникот од СДСМ Костадинов дека оваа резолуција е добра. Логично би било партиите на власта да имаат заеднички став. Албанскиот фактор се држи до аргументот дека е важно Македонија да продолжи со интегративните процеси, Владата и општеството севкупно да продолжат со залагањата за интеграција во ЕУ, што е главна цел. Владата да биде внимателна и во разговорите и во реформите. За нас се многу битни добрите односи во регионот, па следствено и со Бугарија.

Според координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми, потребно е усогласување на резолуцијата меѓу сите парламентарни партии како гаранција дека текстот нема да му наштетува на чекорењето на државата кон ЕУ. Тој смета дека не треба да се прави ништо што ќе биде спротивно на ЕУ интеграцијата. И покрај тоа што ДУИ смета дека јазичниот, историскиот и културниот идентитет не е прашање за дискусија и не е прашање за политичко договарање, сепак во мисија да ги убедува на такво сценарио беше испратен докажан руски кадар на ВМРО ДПМНЕ, пратеникот Антонио Милошоски. Неговата мисија секако ќе биде неуспешна.

Кадрите на СДСМ, заглавени во криминал, шамарани од САД, немаат друг излез освен да одработат за мафијата. Вицепремиерот за борба против корупцијата и генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски од Берово порача дека неговата партија ќе даде поддршка на секоја анти ЕУ резолуција или декларација со која се штити македонскиот јазик и идентитет. Вакви изјави секако доаѓаат од времето на „режимот“ на Груевски.

Станува  јасно дека сите ние го штитиме и јазикот и идентитетот и се што е македонско. Не е воопшто прашање и нема воопшто потреба да се стави под прашање каква било резолуција. Ние ќе дадеме поддршка на резолуцијата. Веруваме дека сите постапки ќе завршат во Парламентот и со тоа потврдуваме дека ниту јазикот, ниту посебностите, ниту идентитетот некој ги ставил на маса или преговарал во целиот овој период. Големи светски државници пред неколку дена во Охрид пратија порака и констатираа дека нашата земја ги има исполнето сите услови за сето она што треба да го направиме и дека Европската Унија треба да го реши проблемот внатрешно за овие кочници кои ги имаме. Меѓутоа, во ниту еден случај тоа нема да биде во однос на прашањето на јазикот и идентитетот и на сето она кое е македонско и кое е потврдено, изјави Николовски. Дали Николовски е портпарол на Груевски или се збунил после „успешниот“ самит во Охрид, останува да констатираме следните денови.

ВМРО-ДПМНЕ изрази надеж дека СДСМ ќе остане доследна на кажаното и ќе ја поддржи резолуцијата, без низ собраниски процедури да се обидува да ја кочи и опструира. Потсети и дека во неа се содржани црвените линии со кои се штити идентитетот.

– ВМРО-ДПМНЕ продолжува да обединува и да ја води Македонија во насока на национално единство и просперитет. Резолуцијата која ја предложивме, а е плод на заедничките ставови на МАНУ, УКИМ и МПЦ – ОА ќе ги заштити националните црвени линии, околу кои не смее да има компромиси. Оваа Резолуција го отсликува ставот на народот. Време е Македонија да престане со лошата пазарџиска дипломатија. Време е за стабилност во надворешната политика. Време е за Македонија за сите луѓе, наведе ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение.

Кога ВМРО ДПМНЕ зборува за лоша пазарџиска дипломатија, пред се мисли на работата на вицепремиерот Никола Димитров. Но тој не смее ниту да писне на веќе антиЕУ премиерот Заев. Кариерата за Димитров е над се, вклучително и над себе си! Да не говориме за Македонија и македонските интереси. Димитров одбива да се произнесе за резолуцијата, која е се уште во драфт верзија, а ВМРО-ДПМНЕ изминатите денови лобираше кај парламентарните партии да биде прифатена.

Следниве денови се очекува реакција од западните дипломати, пред се од САД, со цел да бидат запазени македонските интереси и да продолжиме по европскиот пат, без да останеме да слугуваме на десет криминални фамилии кои владеат со нас во Македонија.