Колумна Ајрулаи: Нема правда нема попис

Колумни

Нема правда нема попис

пишува Лулјета Ајрулаи, м-р по социолошки науки

Се сеќавате на слоганот на таканаречената Шарена револуција “Нема правда нема мир”. Истото важи и за Пописот, не може да има попис со растурен, трул правен систем каде правдата е изгубена.

Во 2011 година имаше попис кој последната недела од реализацијата го прекинаа без никакво објаснување за причините. Тогаш на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и вечните ДУИ, кои мистериозно го прекинаа тој попис без официјално да биде известена јавноста што се случило, но, на терен беше јасно што се случува, колку многу неправилности имаше и каков хаос владееше.

Од страна на СЈО беше покрената и истрага за тој Попис која секако, се затвори бидејќи не се најдоа докази за обвинение против Груевски и “свети” Ахмети. Сега во 2021 година власта составена од СДСМ и вечните ДУИ, повторно се обидува да направи попис, толку ѝ се брзаше што сакаше да го спроведе во екот на пандемијата во месец април, кога бројот на починати лица и новозаразени од вирусот беше загрижувачки многу висок.

Бидејќи се најавуваше бојкот од страна на загрижените граѓани за своето здравје, но и поради оправдани сомнежи за договорен попис меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ (видовме сите како се договорија и ги наместија резултатите на последните избори), директорот на ДЗС почна да им се заканува дека ќе бидат парично казнети доколку одбијат да се попишат.

Во меѓувреме, власта отпочна и електронски попис за дијаспората на платформа без контрола и која лесно може да биде пробиена. Електронското попишување на дијаспората функционерите од ДУИ целосно го исполитизираа и деградираа. Почнаа да лиферуваат со бројки и проценти колку ќе бидат албанците, и токму ова е надвор од секаков стандард и процедура кои се однесуваат на попис на населението, наместо попис испадна попиш.

После неколку месечно психичко тормозење на граѓаните, си седнаа премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и се договорија да го одложат пописот за во есен. Остана нејасно зошто ВМРО-ДПМНЕ претходно собираше потписи од граѓаните и што постигна!

Попис на население претставува организирано прибирање на разни податоци за населението кое се спроведува во една држава. Пописот на населението е статистичка операција која е правно уредена и со утврдена методологија и стандарди. Со пописот се прибираат значајни податоци за бројот, структурата на населението, домаќинствата, стопанството и друго, врз основа на кои државата ги утврдува кои се потребите и може да ги креира идните развојни политики во различните области. Обично пописот се спроведува на секои 10 години.

Значи, како што може да се види ние многу доцниме. Последниот попис во Република Македонија беше спроведен во 2002 година за кој сė уште има сомнежи и забелешки околу неговата релевантност. Тоа е така бидејќи кај нас гарнитурите на власт го политизираат пописот, го деградираат и на крај го сведуваат на пребројување колку проценти се македонците а колку албанците и ништо друго!

И сега во 2021 година, и пред да биде донесен Законот за попис повторно од страна на ДУИ и со поддршка на СДСМ се сведе на тоа да се пребројуваат меѓу себе македонците и албанците. И опозицијата во Собрание го поддржува тоа. Сė е исто и матно како и во 2011 година само место Груевски сега е Заев. И замислете со ова структура на власт каков може да биде пописот! Како ќе се обработуваат и објавуваат податоците со политички директор и политички заменик директор на ДЗС со врзани потписи!

Работата ќе биде на ти го дај ми го. Попис треба да спроведат стручни и професионални лица без мешање во нивната работа на политичките партии и нивните лични интереси. Тие услови во моментов кај нас ги немаме, туку спротивно, ги има сите предуслови да се спроведе уште еден неквалитетен и неуспешен попис. Оваа влада која на секое поле ја следат скандали, која е корумпирана до гуша, не смее и не може да спроведе релевантен и кредибилен попис.