СТАВ: Намалете ги каматите!

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Намалете ги каматите!
анализа на Петар Богојески, докторанд на економски науки и лидер на партијата МК

Тргнувајќи од податоците за вкупната нето добивка на банкарскиот сектор за првите девет месеци од годинава, објавени од Народна банка на Македонија, за разлика од економските аналитичари, јас не сум изненаден. Бројките беа очекувани.

Секако тоа се пријатни бројки за бизнис и банкарскиот свет во земјава, секако тоа е фрапантен податок, секако дека се радувам на успехот на банкарите, но сметам за потребно е намалување на каматните стапки за граѓаните и бизнисот.

Одлична порака кон странските и домашни инвеститори е стабилноста на банкарскиот систем, тоа што е еден од најпрофитабилните бизниси во земјава, кој е имун на криза, инфлација и несоодветно болшевичко „солидарно“ оданочување, но истото така и финансиски сатрап на македонската индустрија и граѓаните.

Имено, сите 13 македонски банки во првите девет месеци од 2023 година оствриле вкупен оданочен профит од 197 милиони евра. Ако се земат бројките по квартали, банкарите оствариле екстра профит од 76 милиони евра само за трет квартал или од 121 милиони евра во на јуни годинава, нивните вкупни добивки заклучно со септември се зголемиле на 197 милиони.

Ако ги споредиме со кварталните биланси од минатата година, за само три квартали од годинава, вкупниот банкарски профит има фантастично зголемување за цели 66 милиони евра.

Тоа е секако резултат на огромната инфлација во Македонија, која неспособната власт намерно ја одржува на толкави стапки. Со тоа, животниот стандард на граѓаните драстично опадна, заштедите се обезвреднија, а македонската банкарска индустрија станува се побогата.

Инфлацијата не е доволно алиби за централната банка да ја зголемува основната камата, на што комерцијалните банки одговорија со зголемување на каматите по сопствено видување. НБРМ покрај останати механизми, можеше да го ограничи зголемувањето на банкарските камати, а не „мрсната гозба“ со власта да ја платиме граѓаните и бизнис секторот во земјава.

Срамно е да констатираме како драстично ги зголемиле каматите на кредитите во споредба со оние на депозитите. Каде се тука интересите на штедачите? Да, јас лично сум против штедење, исклучително стимулирање на потрошувачката и инвестициите за мене е единствена опција за раст и развој на економијата, но сепак „конзервативните граѓани“ кои сакаат заштеди во банка, на овој начин се десеткувани. Тоа сепак е одговорност на НБРМ.

Не можам да се согласам со сума од 299 милиони евра, која годинава ја прокнижиле банките на име на нето приходи од камати. Тоа се дури 93 милиони евра повеќе од минатата година, или осиромашување на населението и бизнисот за околу една третина, во вакви македонски услови. Тоа никаде во свет го нема!

Наводното намалување на износите на провизиите и надоместоците се покажа како јалово, како обичен ПР на партии како Љевица на енвер оџа, нарачан од власта на ДУИ и сдс измеќари, бидејќи сепак инкасирале дури 24 милиони евра по тој основ. Ако можеме да „замижиме“ на приливите од курсните разлики кои им донеле 21 милиони евра, сепак не можеме на тие 79 милиони евра од каматите на кредитите кон граѓаните и бизнисот.

Ова е класична злоупотреба на нашите граѓани и фирми, кои се ревносни плаќачи на своите кредити. Банките биле дополнително оптоварени со резервации од само 6 милиони евра во првите девет месеци од годинава, или вкупно на 49 милиони евра, а овие првите платиле енормни суми по основ на камати.

Знаеме дека во Македонија умре тоа „работи во банка“. Вработените во македонските банки се едни од најнеплатените од сите индустрии, а зголемениот обем на работа и број на вработени ги коштало само 10 милиони евра повеќе од истиот период лани. Исто толку пораснале и останатите расходи од дејноста. Тоа зборува дека нема реална основа за одлуката на банките да ги покачуваат каматите, несразмерно со одлуките на НБРМ, кои влијаат на истите.

Резултат од сето ова е секако големо осиромашување на граѓаните и намалување на ликвидноста на компаниите. За македонски услови, 197 милиони евра за само три квартали, не е шала. Нема оправдување, каматите итно да се намалат. Владата мора да преземе дирекни мерки кон банките, без разлика на непопуларноста на тие методи.

Мерката „солидарен данок“ е неправедна, бидејќи тие пари им се земаат на банките, а банките од граѓаните, но се користат за луксузирање на власта. Со мерка „намалување на каматите“, тие пари ќе останат кај оние кои ги создаваат, кај работливите, со што ќе дојдеме до правична распределба. Тоа ќе стимулира повеќе труд и потрошувачка, повеќе можности за инвестирање. Тоа е решението.