
СТАВ: Не задолжија како „Грчка“
Не задолжија како „Грчка“
анализа на Петар Богојески, докторанд на економски науки и лидер на партијата МК
Се сеќавам на онаа флоскула „Должиш како Грчка“, и на некој начин веднаш ме асоцира на Македонија. До тој степен сме задолжени, што веќе е нарушен и балансот помеѓу надворешниот долг и побарувања. Штом тековните обврски помеѓу резиденти и нерезиденти далеку ги надминаа побарувањата, токму во овој период од годината, секако не можеме да очекуваме подобрување на ситуацијата во следниот квартал од тековната 2023 година. Статистичките показатели се немилосрдни, веќе сигнализираат жар црвено светло.
Каде одиме? Како ќе се носиме со овие показатели за бруто надворешниот долг? Промена на власта по дифолт не ја решава оваа должничка криза во некое извесно идно време, каде долговите кон нерезидентите од страна на нас резидентите ќе бидат подмирени. Што произведуваме за извоз, за дирекно да ја зголемиме нашата надворешна побарувачка и да дојдеме до некој баланс со нашите долгови? Криминал и корупција? Сказни за „ЕУ интеграција“ со амнестија на криминалот? Ама тоа никој не сака да го купи!
Надворешниот долг расте, а тоа го покажуваат сите индикатори за нето надворешен долг т.е. разлика помеѓу состојбата на бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања. На 30.06.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.324 милиони евра (или 30,5% од проектираниот БДП) или во вториот квартал од 2023 година е зголемен за 121 милион евра, или за 2,9%. Во истиот критичен момент, бруто надворешниот долг достигнал фантастични 11.397 милиони евра (или 80,3% од проектираниот БДП) и бележи квартално зголемување од 338 милиони евра (или за 3,1%). Ако се следат годините наназад, никогаш не било полошо.
Во текот на вториот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 226 милиони евра и изнесува 8.357 милиони евра, што претставува 58,9% од проектираниот БДП за 2023 година. Во споредба со крајот на 2022 година, негативната МИП, нето, е зголемена за 209 милиони евра. А сите се надевавме дека 2022 нема да се повтори.
Клучно прашање. За што се создаде толкав надворешен долг? За јавни инвестиции? Развојни програми за реформи на администрација или увоз на нови технологии? За стимулирање на извозно ориентираното производство? Секако не! Најбезобразно трошење во непродуктивни расходи, најчесто луксузирање на власта. Ваква недомаќинска, душманска власт, не памети друга земја во Европа, па и пошироко низ светот.
Има ли излез? Мора да има! Тоа секако не е во активноста на државата, туку решението е во приватниот сектор. Државата само може да престане да се луксузира и драстично да го намали тековното јавно задолжување кон надвор, ништо повеќе. Но приватниот сектор, доколку забележи тренд на извозно ориентирано производство, има некоја надеж за позитивен пресврт. Истакнување на овие загрижувачки бројки, објавени од НБРМ, и кукање околу иститеод страна на нас политичарите, не е решение. Тоа е клише. Долгорочна стратегија базирана на идеолошка доктрина за управување со јавните финансии, може да посведочи вистинска загриженост кај одговорните.
Едноставно нудиме, фискален конзервативизам. Мораме да произведуваме, а продуктот и да го продаваме во светот. Мораме да престанеме со јалово трошење, а сите пари да ги насочиме кон поддршка на тоа производство за кое говориме. Што да произведиме? Па тоа што е природно за нашиот регион и тоа што му треба на светот. Тоа е органска храна, софтвер, енергија и туризам. Друго и да сакаме, не не бива. Треба да произведуваме доволно големи количини со доволно висок квалитет, за да станеме конкурентни на светски пазар. Тоа можеме секако. А дали сакаме, е тоа е веќе до нас. Да се фатиме за работа и да се одглавиме од овој долг!