Lapsus linguae или состојба на разумот, како да разбереме?

Македонија, Политика, Свет

Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар во ексклузивното интервју насловено „Видувањата за Западен Балкан од внатрешноста на Стејт Департментот“, зборувајќи за меѓуетничките односи во државата помеѓу Македонците и Албанците, тој употреби термин „Албанци и православни“.

„Во недостаток на прецизирање на таа несреќна изјава, можеме само да погодуваме дали станува збор за lapsus linguae или состојба на разумот на господинот Ескобар?“ – јавно се прашува лидерот на Македонски Концепт, Петар Богојески.

Според Богојески, сигурно станува збор за несреќна употреба на терминот „Албанци“ на местото на муслимани, што секако не е соодветно, бидејќи не се сите муслимани токму Албанци или сите Албанци баш муслимани во Македонија. Можеби нешто го асоцирало на тоа, особено после радикализацијата на албанскиот етнички шовинизам и неговото надградување со верски шовинизам.

„Една работа што тие ја прават правилно во контекст на регион, за кој етничкото ривалство е карактеристика, Северна Македонија е вистински пример за мирен соживот меѓу Албанците и православните“ изјави Ескобар во разговорот со новинарката Ксенија Павлович.

Од тука, јасно е дека Ескобар истакнува етничка димензија во неговата изјава, а не верски карактер на проблемите во земјава.

„Значи, Македонија сега е модел на демократска граѓанска држава. Сега, она што треба итно да го направат е да се придвижат напред кон спроведување на договорите што ги имаат за работа на уставните измени“, рече Ескобар.

За Богојески исто проблем е идентификувањето на Македонците само со православната конфесија, бидејќи во земјава живеат голем број на Македонци муслимани, но и низа други етнички заедници кои се православни по вероисповед.

„Не сакам да верувам дека има нешто неправилно во состојбата на разумот на господинот Ескобар, со било каква намера да ја врати Македонија во 18ти или 19ти век, за време на Отоманската империја и Македонците да не сведува на ниво на конфесија – милет, исто како што со свои фермани тоа го правеле отоманските султани во тоа време!

Уште помалку дека тоа е испланирана состојба со фалсификуваниот Попис од 2021 година, каде намерно, на груб и невоспитан начин од страна на зајковистите, православната конфесија од 78% ја симнаа на 46%, правејќи две верски заедници, православна и христијанска, како различни!

Едноставно, било каква неупотреба на терминот „Македонци“ за етничката припадност на нас Македонците е дирекно суспендирање на Преспанскиот договор, а јас не сум убеден дека Ескобар го повлекува американскиот „потпис“ од тој договор. Уште помалку дека не мисли за наивни и дека сме заборавиле што е потпишано во Нивици.

Сепак ќе заклучам дека станува збор за lapsus linguae, едноставно му се лизнал јазикот на господин Ескобар, кој е висок дипломат од САД и треба да биде повнимателен со термини како „северномакедонци“ или било која друга замена за Македонци!“ – изјавува Богојески.

Дека Богојески е во право, се согледува од понатамошната изјава, каде Ескобар зборувајќи за „францускиот предлог“, тој додаде дека државата мора да ги признае етничките Бугари како конститутивна етничка група, велејќи дека тоа не е никаков проблем за Македонците, користејќи го токму терминот „Македонци“.