Кој е најбогат во Македонија?

Живот, Македонија

Дали Ванчо Чифлиганец, кој преку неговата „Адора инжинеринг“ продолжува да купува акции од Комерцијална банка е најбогатиот човек во земјава? Преку Комерцијална банка тој го засилува своето бизнис упориште во една системски најзначајна банка во земјава.

Адора и вчера купила акции од Комерцијална банка, иако не се кажува по која сума, но она што дефинитивно се знае е дека неговата компанија сега поседува близу 15 отсто од акциите на најголемата и најмоќната банка во земјава.

Во својата ценовно чувствителна информација до Берзата, Комерцијална банка извстува дека Адора купила акции преку системска блок трансакција, и кажува колку акции се купени, но не кажуваат која сума е платена за тие акции.

„Согласно Глава 6 од Правилата за котација, известуваме за следната ценовно чувствителна информација:

Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека правното лице Адора Инженеринг ДООЕЛ Експорт – Импорт Скопје преку системска блок трансакција се стекна со 48.837 обични акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје. 

Правното лице Адора Инженеринг ДООЕЛ Експорт-Импорт Скопје заедно со поврзаните лица поседува вкупно 341.860 обични акции, односно има учество од 14,9999 отсто во основната главнина на Комерцијална банка АД Скопје“, се вели во ценовно чувствителната информација од Берзата.

Инаку, на редовното тргување една акција на Комерцијална банка вчера се продавала по цена од 8.750 денари.