Бидете подготвени за НАЈЛОШОТО СЦЕНАРИО, предупреди Фон дер Лајен!

Европа, ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Европа брзо ја намалува зависноста од рускиот гас поради стравувањата дека испораките ќе бидат запрени како одмазда за санкциите, изјави во интервју за ДПА, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и ги повикува членките да го поддржат кризниот план кој се покажува како тест за солидарност.

Таа потсети дека извршната власт на ЕУ предложи земјите-членки доброволно да ја намалат потрошувачката на гас за 15 проценти за да бидат подготвени за евентуален целосен прекин на испораката на руски гас, истовремено барајќи овластувања да наметнат задолжителни цели доколку е потребно.

ЕУ сака да може да обезбеди итен трансфер на гас за членките кои се соочуваат со недостиг во зима, доколку снабдувањето падне на критичните нивоа. Овој потег ќе го намали влијанието на рускиот претседател Владимир Путин врз 27-члената ЕУ, коментира ДПА.

Но, пристапот е своевиден тест за европската солидарност, при што некои земји се против плановите за вонредни состојби, велејќи дека не можат дополнително да ја намалат потрошувачката на гас.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во интервјуто за ДПА итно повикува на поддршка, откако Русија ги објави плановите за дополнително намалување на испораките на гас за Германија кон крајот на оваа недела.