ЗА ТИТО или ЗА ВАНЧО, кукавичкото јајце е снесено, започнуваат поделбите

Балкан

Стратегијата за уништување на македонската национална свет нашироко се спроведува. Со цел да има силни резултати, таа е упростена на поделба на Македонците на почитувачи на југословенското наследство и ликот на Тито и на оние кои би го избрале ВМРО и ликот на Ванчо Михајлов.

Така упростено, од една страна се засилува про југословенската определба кај Македонците, зашто сите знаеме дека при избор на Тито или Ванчо, 99,9999% ќе се определат за Тито.

Со еден куршум два зајаци. Покрај наведеното, ќе се компромитира историското наследство на ВМРО, а со тоа во Македонија ќе се создаде чувството дека тоа е бугарска бандитска организација, од која сите ќе се дистанцираат, а повторно ќе се врати наративот од титова Југославија, на создавање на Македонците како титово дело.

Во оваа квази стратегија учествуваат и македонската УДБА и бугарските болшевички руски служби, кои на крај ќе постигнат најпосакуваното, Македонија да не влезе во ЕУ пред Србија, односно прво да се формира ЈУГО Балкан, на чело со Белград, а потоа да се интегрира кон ЕУ или трајно да остане како некоја форма на нова Југославија.

На тој начин, старите комунистички елити си обезбедуваат трајна власт врз Македонија и Македонците, остануваат да живеат како „бубрег во лој“, а народот останува сиромашен измеќар на старите структури. Целта е постигната, Бугарија ќе го добие тоа што е опседната да го украде и уништи од Македонија, револуционерната организација, а Србија и Русија успешно остануваат да управуваат со земјата.

Најдобар доказ дека тоа е така, покажува вклучувањето на професорот Ѓорѓи Спасов, пројугословенски активист и дел од старите структури, кој нарачано и договорено се огласи преку социјалните мрежи во врска со посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков во Битола за отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“.

Тој наменски ја отвори пандорината кутија, сакајќи да го најави снесеното кукавичко јајце од Бугарија:

„Не можеше Петков да избере полош лик од Михајлов и подобра бугарска делегација во која се Каракачанов и Захариева, за политичка провокација, па и омаловажување на сите напори за приближување кон ЕУ што ги прави Македонија. Мораше некој официјално да го извести дека ние и тоа можеме да го поднесеме, но не е начин за помирување.

Ако треба антифашистот Тито да го заборавиме, а фашистот Михајлов да го славиме како услов за влез во ЕУ и за кревањето на ветото од Бугарија, тоа вистина ќе потрае или никогаш нема да се случи“, пишува Спасов.

Според него, сега е ред официјална делегација од Македонија со претставниците на ОМО Илинден на 20 ти април да отиде на гробот на Јане Сандански на Пирин и да отвори клуб на Македонците во Сандански кој ќе биде мост во соработката меѓу двете земји.

„Само за да се тестира бугарската и европска толеранција“, истакнува Спасов.

Токму тоа е целта, тоа е сценариото кое го предлага Спасов, како најдобро и најлесно Македонија никогаш да не биде дел од ЕУ, а Бугарија да го добие она што го бара од нас. И двете страни, онаа на Тито и таа на Бугарија, не сакаат во никој случај да се отвори простор за создавање на автентична македонска кауза и историски наратив, со кои засекогаш ќе престанат поделбите помеѓу Македонците.

Кукавичкото јајце е снесено, започнува нова поделба на Македонците.