Богојески: Македонија нема ништо да добие со „лизни мазни“ надворешна политика

Изјави

Македонија се најде на земјите од црната листа на Русија, по барање на претседателот Путин, поради приклучување кон санкциите кои ги воведе ЕУ кон таа земја. Тоа крена голема прашина во Македонија, особено кај политички активните граѓани, кои ги следат случувањата во Украина и се околу санкциите со Русија.

До сега единствено став по тоа прашање истакна промоторот на Македонски концепт, Петар Богојески, додека другите се воздржуваат од подлабока анализа на состојбите. Министерот Османи најави реакции на Македонија кон Русија, што би довело до дополнителни компликации во односите помеѓу двете земји.

Како на таа состојба гледа Богојески, пренесуваме негов став објавен на социјалните мрежи:

„Сите земји тргнуваат од свој интерес, а не од интересот на Украина или Македонија. Во тој контекст и стилот на санкциите кон Русија. Додека САД инсистираат на суштината, а тоа е извозот на нафта и гас, Германија поаѓа од свои интереси и не се согласува процесите да одат во таа насока. Бугарија исто најавува исклучување од тој пакет санкции, а очекувам и други земји зависни од руските енергенси да постапат така.

Мене единствено ми е проблем што само Македонија не постапува така, тргнувајќи од своите интереси. Ние сме земја членка на НАТО, треба да ги следиме позициите на Алијансата кон Русија, до точка и запирка. Но ние не сме членка на ЕУ и немаме никаква обврска, па ниту морална, да ги следиме нивните позиции. Едно е став по однос на воената окупација на Украина, по однос на безбедносните прашања, сосема друго е економски санкции и економска војна помеѓу нашите трговски партнери. Ние тука мора да имаме наш уникатен став, поаѓајќи од нашите интереси.

Западот во моментов, пред се мислам на ЕУ, дирекно и помага на Русија со увозот на руска нафта и гас и тоа по тридупло повисоки цени од пред војната во Украина. Со тоа на Русија тридупло и плаќаат и помагаат. Од таму се финансира и приватната војна на Путин. Но земјите од ЕУ тргнуваат од нивни интерес за снабдување со ресурси за нивната економија, па така испаѓаат дека ја финансираат руската окупација на Украина.

Сигурно дека повлекувањето од продажбата на „западни сукњи и штикли“ во Москва и Петровград, нема да го скршат Путин. Русија нема економија, има доволно храна, па санкциите до сега се со смешни ефекти. Можеби само банкарските блокади даваат одреден резултат. Русија живее од извоз на нафта и гас и ако не престанат земјите од ЕУ и останати во регионот, да ги купуваат, тогаш Путин станува посилен.

Македонија нема автономна надворешна политика во рамки на македонскиот национален интерес. Ние имаме „лизни мазни“ политика, сега ги шетаат Таче и Османи по белосветски црвени теписи, им ветуваат брда и долини за Македонија во ЕУ, но секако после завршување на украинската војна. Откако војната ќе замине, ЕУ ќе продолжи по старо, а Македонија повторно ќе остане извисена. Сум ги прошетал сите тие „црвени теписи“ и знам зошто ова го кажувам!

Ако имавме национална стратегија за членство во ЕУ, оваа војна во Украина за нас беше огромна шанса. Не се ситам на војната, напротив тагувам, но Македонија и во време и во невреме треба да има стратегија и политика. Ако бевме паметни, сега акциите против Русија ќе ги искористевме за брз прием на Македонија во ЕУ. Најмалку за итно и безусловно тргање на бугарското вето. Ама за жал имаме политичари, изгубени честитки, па нема ништо да добиеме и во средината на 21 век.