
Големо и проблематично ДОБРО УТРО со АМАТЕРКАТА
ДРЖАВА ВО НЕУСПЕШЕН ОБИД
пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет
Повеќе од очигледно е дека ние како народ си имаме ГОЛЕМ проблем!
Проблемот е во сфаќањето на поимите држава, народ и нација !
За почеток потребно е да се преиспитаме колку знаеме за нивното значење и дали правилно ги практицираме и употребуваме. Откако ќе стекнеме основни познавања за истите ќе имаме „право“ да ги употребуваме, да го пренесуваме знаењето па и да „лаеме“ по социјални мрежи и наоколу. На тој начин ќе почнеме и да ги заслужуваме како термини кои ќе не опишуваат соодветно. За жал, до овој момент, ниту државата функционира соодветно на поимот и нејзината дефиниција, ниту пак народот кој живее во истата.
Најпрво за ЕТНИЧКИ КОНТЕКСТ на терминот НАРОД со оглед на тоа дека многумина сакаат да го употребуваат во определени политички „пресметки“.
БИ ТРЕБАЛО да го разбираме на следиот начин : Етнички народ е заедница составена од сите луѓе кои имаат заеднички етнички идентитет, без оглед на просторни, временски или какви било други критериуми. Ваквото разбирање за народот се заснова на заедничко историско и културно наследство и затоа НЕ Е предмет на поранешна или сегашна територијално-политичка поделба!
Како повеќето ГО РАЗБИРААТ и практицираат: Етнички народ за нив е заедница составена од луѓе кои имаат заеднички етнички идентитет, сеуште го живеат минатото, се надеваат на нови територии, дел се „осеќаат“ дека сеуште припаѓаат на нешто „поранешно“, дел со посебни симпатии кон некоја соседна држава. Од време на време се носталгични, постојано безидејни, во основа се големи геостратези и постојано се во очекување некој да ги присвои. Најчесто се надеваат на некоја од големите светски сили, а катадневно се присетуваат на бившиот ЈУ сојуз.
Обично милуваат да се нарекуваат патриоти, а сите оние од заедницата кои правилно го разбираат поимот ги прогласуваат за предавници. Во отсуство на самосвест и ваквото поведение веќе 30 години се третирани како политички народ. Исто како народ од средниот век, со тоа што сегашниве се убедени дека нештата од нив зависат, демек гласаат, избираат.
После ова дефинитивно во општествените науки треба да се предвиди некој друг термин, на пример: НЕОСОЗНАЕНИ етничко-политички народи или да бидеме евидентирани под друго….
Терминот НАЦИЈА повеќето од погоре споменатите „експерти“ го поистоветуваат со народ.
БИ ТРЕБАЛО да го разбираме како комбинација на сите граѓани на една држава. Овие граѓани може да се од различни ЕТНОСИ и да исповедаат различни РЕЛИГИИ. Нациите се продукт на државите, како политичко-територијални заедници кои влијаат на сите свои граѓани преку своето законодавство и државна политика.
„Експертиве“ наши велат: Нацијата е еден етнички народ продукт на некоја друга држава! Па со промена на името на државата ја „изгубија“ и нацијата која многу им била „важна“ за утврдување на својот идентитет! Така им се случи криза на својот идентиет, иако оваа фаза на кризирање е типична во периодот на адолесценција. Успешното решавање на кризата зависи од напредокот во предходите развојни фази, насочувајќи се кон проблемите како што се доверба, автономија и иницијатива. За жал, поголемиот дел од нив немаат напредок во развојните фази и долго време ќе кризираат.
И за овој термин во науката потребно е да се изнајде друго објаснување односно друг термин кој ќе ги објаснува ваквите. Тоа може да биде „НАЦИЈА со криза на идентитет“.
А државата?
После се’ повеќе од јасно е како си ја замислиле државата. Каков народ, таква држава, нели?
Наместо државата да се сфати како множество на правила или институции преку кои поединците делуваат колективно наместо поединечно, кај нас е обратно. Доверување на моќ на определена група (читај политичка партија) преку институциите на системот да си обезбедат личен бенифит и „приватизирање“ на државата со цел подолготрајно владеење.
Откако ќе ги донесат на власт од владетелите ( државата ) имаат милиони очекувања, прекршувајќи ги сите можни пишани и етички правила и норми и се разбира кога нема да им се „удоволи“ за кратко време се „пишманат“ за изборот. Не е до власта, до очекувањата е! Просто е како грав!
„Курто и Мурто “ го искорисуваат „извртеното“ нивно сфаќање на поимите манипулирајќи ги секои наредни избори, поттикнувајќи ги да продолжат со истиот начин на размислување, со цел да си обезбедат и нареден удобен мандат. Кога им ја открија тактиката, истите тие им измислија трет-дете на транзицијата, налик на нивните сфаќања кој им „проповедаше“ она што сакаат да го слушнат и повторно им ги собраа гласовите.
Кога ќе се најде НЕКОЈ од мајка роден што би рекле стари, да им објасни на „експертиве“ што е народ, а што нација, кога ќе ги излечи од кризата за својот идентитет, ете тогаш може да се надеваме дека ќе имаме ДРЖАВА!
Засега, за жал можеме да се наречеме, на пример: ДРЖАВА ВО НЕУСПЕШЕН ОБИД во која живее НЕОСОЗНАЕН етничко-политички народи и „НАЦИЈА“ со криза на својот идентитет.