Народот не е свесен за својата моќ

Колумни

Народот во Македонија не е свесен за својата моќ.

пишува Лулјета Ајрулаи, магистер по социолошки науки

Пред неколку години прочитав во весник дека буџетот на Норвешка годината ја завршил со висок суфицит. И веќе не знаат што да направат со вишокот на пари. Владата на Норвешка се што ветила исполнила. Исполнила дури и работи кои не ги предвидела во својата изборна програма. Народот на Норвешка живее во благосостојба.

И замислете, после сите овие позитивни работи, народот во Норвешка на следните избори гласал за опозицијата и таа победила! Во тој момент бев воодушевена од високото ниво на граѓанска свест на норвешкиот народ.

Во исто време, помислив на народот во Македонија и тогаш се разочарав. Се разочарав бидејќи нашиот народ веќе 30 години гласа за едни исти партии. Кои партии меѓусебе се натпреваруваат која повеќе ќе се збогати и која повеќе ќе му наштети на својот народ. Нашиот народ гласа за партии кои откако ќе дојдат на власт се замислуваат дека се господари. А народот што ги гласал го сметаат за глупав и нивни роб.

Нашите политичари се однесуваат на тој начин бидејќи народот тоа им го дозволува со својот поданички менталитет. Улизувачки карактер, мисли само на личниот интерес, а не на општото добро. Се потчинува каде што не треба и молчи на неправдите. Убеден е дека одлучуваат “странците” кој ќе победи кај нас. А тоа не е точно!

Од друга страна, нашиот народ е и исплашен од власта која им се реваншира на свесни поединци кои креваат глас против неправдите и злоупотребите што власта ги прави.

Властите со години кај нас се погрижиле да внесат страв и несигурност кај народот. Со цел полесно да го контролираат и управуваат со него. Така со години во Македонија наместо да одиме напред ние само стагнираме и се движиме назад. Државата слабее и осиромашува на сметка на одредени олигарси и мафијаши кои енормно се збогатија. И токму тие олигарси и мафијаши народот ги гледа како богови. Тоа е така затоа што народот во Македонија не е свесен за својата моќ.

Народот во Македонија не знае дека Владата е само негов сервис, а не негов господар. Токму од ова произлегува тешкиот и неквалитетен живот на народот во Македонија. Бидејќи не е свесен дека добро организиран народ со високо развиена граѓанска свест ниту една власт не може да го потчини и победи. Како доказ за ова мое тврдење ќе наведам два примери од Република Македонија. Кои ми влеваат надеж дека во иднина народот ќе стане свесен за својата моќ.

Првиот пример се локалните избори во 2013 година.

Кога сите слушнавме во таканаречените бомби какви тешки опструкции направила власта за да не победи кандидатот од опозицијата за градоначалник во општина Центар. Таму имаше три пати прегласување, снемување и преправање на гласачки ливчиња. Расипување на лифтови за да се оневозможат жителите од висококатниците да одат на гласање. И ред други опструкции! Меѓутоа и покрај се во општина Центар победи кандидатот на опозицијата според волјата на граѓаните.

Другиот пример се локалните избори 2017 година во општина Гостивар

Каде целата владина пропагандна машинерија беше насочена против кандидатот на албанската опозиција за градоначалник. Лично министерот за внатрешни работи бил ангажиран за да го попречи гласањето и граѓаните. Да не гласаат за кандидатот на опозицијата, преку уцени, закани и заплашувања. Меѓутоа и во Гостивар победи кандидатот на албанската опозиција. И покрај сите опструкции на власта победи волјата на граѓаните.

Затоа многу е важно народот да се охрабри и да стане свесен за својата моќ. Тогаш ниту една власт не ќе може да манипулира и лошо да владее со овој народ.