
Дали знаете?
ДАЛИ ЗНАЕТЕ…
пишува Гордана Јанакиевска
Пештерните цркви започнале да се појавуваат околу 9. век. Нивните живописи главно датираат од 13. и 14. век и се тесно поврзани со христијанското учење – исихазам.
Тоа е филозофија на монашкиот мистицизам во Православната црква од Исток. Кој се негувал во македонските манастири и пештерни цркви како во свој автентичен простор. Се развил во општо културно и социјално движење кое длабоко се врежало во духот на македонскиот средновековен човек.
Анонимните иконописци припаѓале на балканските карактеристични сликарски школи. Нивните фрески сродни се со фреско-сликарството во најпознатите манастири. Тие даваат печат на дел од некогашниот живот. Во овие пештери се појавиле многу испосници кои се занимавале со чудотворство и пророштво.
Според сочуваните ракописи, зачетници на монашкиот живот биле Св. Наум и Св. Климент. Досега се регистрирани преку 50 пештерни цркви во Македонија. Од нив најбројни се околу крајбрежјето на Охридското и Преспанското езеро. Во кои живееле и дејствувале исихастите.
Вакви цркви се среќаваат и во околината на манастирите Трескавец и Зрзе. По долните текови на реките Бабуна, Црна река и Треска, но и во Кумановско-кратовскиот регион и кај Тиквешкото езеро. Овие пештерни храмови со своите колоритни иконостаси имаат непроценлива вредност за негување на духот на христијанството. Како и за посетителите што доаѓаат на молитва и соединување со Бога.