КРАТКОРОЧНО ДОБРО УТРО од Аматерката

Добро утро

ПОЛИТИЧКО КРАТКОРОЧНО ПРИСПОСОБУВАЊЕ

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет

И овојпат утврдувањето на минималната наликува  на ПОЛИТИЧКО КРАТКОРОЧНО ПРИСПОСОБУВАЊЕ БЕЗ ДОЛГОРОЧНА ПЕРСПЕКТИВА. Во нормалните државни системи и економии кон ваквите усогласувања се пристапува многу внимателно по претходни мерења и истражувања за ефектите кои следат од истото.

Сеопфатниот пристап е неопходен затоа што усогласеноста е под влијание на нивото на кое се поставуваат минималните плати во однос на просечните, како и под влијание на институционални фактори. За да се состават, да се спроведат и да се следат квалитетни стратегии и мерки за усогласеност и
законско спроведување, важно е колку што е можно повеќе да се анализираат степенот и шаблоните на неусогласеност, со употреба на расположливите податоци. На тој начин не само што интервенциите стануваат поделотворни, туку може да се донесат стратешки одлуки како да се распределат расположливите јавни средства. Дали денес пред пратениците ќе бидат презентирани вакви стратегии, статистички податоци и очекувани ефекти од ова законско решение, не знаеме.

Но, знаеме дека не сме доволно информирани со цел да се подигне свеста на граѓаните за долгорочните ефекти врз целокупната економија од ваквиот тип на решенија. Знаеме дека досегашната пракса не ни дава доверба дека ова законско решение е донесено со претходен СЕОПФАТЕН ПРИСТАП, а најмалку треба да веруваме дека истото ќе има долгорочни позитивни ефекти.

Не е потребно да си  експерт од областа на економијата за да разбереш дека ситуацијата во државава е хаотична и во континуирана криза. За да имаат значење, минималните плати треба да бидат поставени на ниво што ги покрива потребите на работниците и нивните семејства, земајќи ги предвид економските фактори. Оценувањето дали постојните стапки се доволни за да ги задоволат потребите на работниците и нивните семејства може да претставува предизвик. Прво, потребите на работниците и нивните семејства не може да се разгледуваат во вакум, тие мора да се разберат во однос на нивото на ЕКОНОМСКИ и СОЦИЈАЛЕН РАЗВОЈ НА ЗЕМЈАТА.

Второ, дали минималната плата е доволна за покривање на потребите на семејството зависи од големината на семејството, што може да биде различна. Исто така, зависи од тоа колку членови на семејството заработуваат минимална плата и зависи од локалните трошоци за живот. Поради овие причини, соодветни минимални стандарди за живот треба да се осигурат преку комбинација на МИНИМАЛНА ПЛАТА и МЕРКИ ЗА СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ.

Во недостиг на јавна дебата со податоци и аргументи, денес, пратениците ќе одржат уште една претстава (седница), на која повеќето ќе ги прочитаат претходно спремните партиски говори, ќе си упатат по некој навредлив збор и секако обвинување кој е „за народот“ а кој „не работи во интерес на народот“ и ќе го изгласаат и овој закон. Доколку се обиде некој од опозицијата да ги образложи негативните ефекти од ваквото решение, ќе го „стрелаат“ и обвинат за предавник на својот народ.

Доколку пак, постои таков и од власта, ќе мора да молчи и ништо да не кажува бидејќи така е договорено па и тој ќе биде прогласен за предавник ако проговори. Но за едно се сигурни, си обезбедија уште едно „повисоко стубче“ во графиконот со кој ќе мафтаат нареднте избори и ќе се фалат дека ја зголемиле минималната плата за да соберат некој глас повеќе.

Така, и овој закон ќе си помине, а граѓаните ќе почувствуваат на своја кожа какви ќе бидат ефектите од истиот.