ЛИЦЕМЕРНО ДОБРО УТРО од Аматерката

Добро утро

ЛИЦЕМЕРНО ПОЛИТИКАНСТВО

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет

Се наоѓаме во ситуација кога лицемерието станува единствена вредност на политиката.  Катадневно добиваме  лекции по морал од луѓе со сериозни морални недостатоци, памет ни делат  глупавите, а за способност ни судат неспособните. И така, интензивно преку ваквите избраници  го искусуваме политичкото лицемерие.

Предозирани од нивното лицемерие, немаме  друг избор освен да реагираме кога гледаме колку ја загадија македонската политика со глупост и простотилак, при што глупоста е премногу агресивна, а простотилакот е премногу личен за да се поистоветите со оние кои го практикуваат. Се подигруваат со секој од нас безмилосно, секако , ние тоа им го овозможуваме со години.

Лицемерни се сите подеднакво кога зборуваат дека ја покачиле   минималната плата на чесните работници, а претходно животот го направија поскап за пет пати повеќе од тоа. Лицемерни се кога ветуваат бесрамно разно-разни нереални субвенции на стопанствениците, за да им земат дупло повеќе. Лицемерно го упропастија приватниот сектор.

Опозициските партии единствено сакаат да го насоберат гневот на засегнатите и да го претворат во еуфорична предизборна кампања за потоа истите да ги „пресметаат“ на нивно конто како гласови. Овие помаливе коалициони лицемери исто така. Иако имаат  реална можност да влијаат врз политиките и одлуките на власта, во која и тие партиципираат, сепак одлучиле да се занимаваат со лицемерно политиканство и манипулативни ставови од типот „ни риба ни девојка“ за да си остават простор и „да се залепат“ како вагон на некоја идна локомотива (влада). Очајно.

Кога зборуваат за изборниот модел исто толку се лицемерни кон сите нас па и кон сабите себе понекогаш. За поголемите партии знаеме дека актуелниот изборен модел им е совршен. Така им е „легнат“ што абер немаат да го променат. Најлицемерни се повторно овие помаливе коалициони лепенки! Доколку намерите им беа искрени до сега имаа реални шанси да сторат нешто.

Неколкупати владиното мнозинство се пребројуваше и зависеше од само 1 глас но пазарот очигледно не бил за доброто на граѓаните туку за некое лично добро. Лицемерни се бидејќи не сакаат конкуренција и шаренило на политичка сцена. Доволни си се сами на себе.

Колку и да сакаме да игнорираме,  едноставно не можеме, а богами и не сакаме  да премолчиме и да не реагираме на глупоста, анти интелектуализмот и лагите кои ни се пласираат од оние кои ја имаат одговорноста да ги менаџираат односите во државата.

Лицемерието во оваа држава надополнето е и со политички мотивираниот страв. Политичката (зло)употреба на стравот е присутна секогаш кога одредени политички позиции се загрозени, или загубени.  Често сме сведоци на ваквиот тип водење политики. Бомби, црни понеделници, четвртоци, па и самата ковид криза ја искористија до максимум. Не запираат. Итаат кон целта без да погледнат лево и десно.

Зарем мислат дека низ лицемерие, лаги, манипулации и државно спонзориран страв ќе не’ натераат да веруваме дека ни се потребни?  Секако дека не. Можеби понекогаш ја споделувавме илузијата на реалноста која ни ја креираа бидејќи истата ја посакувавме. Но за жал тоа е  реалност во која сите изгубивме. Која беше далеку од европска, а стана премногу турбо-фолк балканска.

Оние кои во политиката не се спремни да се соочат со фактите кои  ги наметнува реалноста и врз основа на истите да ги преиспитаат своите политички одлуки, многу брзо ќе ја платат цената на политичката ирационалност.