БОГОЈЕСКИ до Ковачевски: Што баравте кај Кирил и Методиј со колегата

Изјави

Богојески постави клучно прашање до премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски. Темата е заедничката средба со неговиот бугарски колега Петков и заедничкото поклонување пред споменикот на Св. Кирил и Св. Методиј во Скопје.

Богојески прашува и констатира: „Господине премиер Ковачевски, што баравте кај Св. Кирил и Св. Методиј со колегата Петков? Дали тоа беше укажување на почит на бугарскиот премиер кон најголемите македонисти, Светите браќа Кирил и Методиј или тоа беше покажување почит кон „општи / заеднички историски личности“?

Ако е првото, тогаш е во ред, ако е второто тогаш тоа е голем фалсификат на историјата со ваш потпис.

Премиере, треба да знаете дека Светите браќа Кирил и Методиј се најголемите душмани во историјата на Бугарите. Тие се двајцата Свети ликови кои го уништиле оригинерниот бугаризам, нивното Царско семејство – Дуло, ги асимилирале, славјанизирале, покрстиле односно промениле верата на Бугарите. Тие се двајцата најславни носители на средновековниот македонизам, исклучително македонско историско и културно наследство.

Бугарија нема ништо заедничко со Св. Кирил и Св. Методиј. Ние повеќе треба заедно да ги одбележуваме со Грците, од колку со Бугарите. Тоа што вашиот колега Петков го крстиле по Св. Кирил, го прави достоен Бугарин да се поклони пред Светите браќа, а со тоа да покаже почит кон нас Македонците и Македонија, што длабоко го почитувам и сум благодарен. Но никако тоа да биде во име на чествување на заеднички ликови и настани од минатото. Браќата не ни се заеднички, тие се наши македонски.

Ако премиерот Петков е македонски Бугарин, односно со потекло од Македонија, тогаш тој е достоен наследник на споменот за Светите браќа, рамно со нас двајцата. А секако дека има право да покаже почит, како што ние можеме пред споменикот на Св. Цар Борис Први, во Софија на пример. Меѓусебната почит и уважување се неопходни и ги поздравувам, но секогаш во име на вистината.

Подобро ќе беше да отидете да се поклоните пред споменикот на Војводата Тодор Александров, а со тоа да го отвориме прашањето за ВМРО и заедничкото историско и културно наследство од бугаризмот, кој го споделуваме. Сега е моментот тоа да го разрешиме, за на сите да ни олесне и да го отвори патот кон Европа. Со ставање на тешките проблеми под тепих, никаде нема да стигнеме“, се зборовите на Богојески.