Џепарошко ДОБРО УТРО од Аматерката

Добро утро

Џепарошите кои ја вратија СДСМ на власт

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкyлтeт

Македонија е држава во која медиокритети, платеници и политички јаничари се главната ударна сила на злосторничкото здружување, кое со нивна помош ги држи под контрола сите механизми на владеењето. Нивното значење до таа мера е големо, што директно резултираше нашата ендемска мафија да создаде сопствена држава. Така што сите ние кои сме надвор од нивниот фамилијарен мафијашки круг, всушност сме аргати во нивната приватна држава. Демек, ова важеше за груево време или  доба на Мијалкови! Демек чесните дојдоа да ја спасат државава од нечесните! Ами загрижени беа за граѓаните, живот ќе донесеа, чесно ќе владееја, а парите ќе им ги вратеа на граѓаните……не, исто е. За граѓаните е сосема исто. Од ваквиот трансфер без промена на правила на игра ништо неможе да се промени.

Како започна и до каде стигнавме

Неодамна граѓаните беа таргет на  Миленко, Пандов, Мирка, Шанац, Бетмен, Божиновски,  Латас, Чилиманов,  “Едноокиот“, Ачковска па дури и на  тазе испилениот Љупче Златев .

Преку овие купени, платени и уценети маргиналци се „кроеше“ иднината на граѓаните. Преку нивните „проповеди“ се „дилаше“ лажната надеж и штетната, божем  вистина за еден поинаков патриотизам. Овие џепароши имаа за цел да го извлечат гневот од граѓаните, насобран низ годините од неквалитетното битисување и да го насочат кон нешто непознато, односно по потреба да го „испукаат“ кон целта која пак ја определуваше тогашниот шеф, секако за своја лична потреба. И се понатаму е познато…

Од денешна перспектива на повеќето им е јасно дека биле злоупотребувани и дека погоре споменатите  уживаат привилегии како дел од ергелата на тогашниот „клан“.

И сите до еден  помалку или повеќе, се виновни што државата е донесена на ова дереџе. И затоа нивните имиња, како и имињата на уште десетици и десетици соучесници во злосторството против сопствената држава и против граѓаните од различните етнички заедници кои живеат во неа, не треба да бидат заборавени. Напротив. Имињата од ден на ден треба се’ погласно да им бидат споменувани и запишани во “црниот тефтер“ на нечестивите. И не смеат да останат неказнети. Оти заради нивната заслепеност и опседнатост со слава, моќ и пари, огромен број граѓани на Македонија живеат на прагот на сиромаштијата, или соочени со неа заминуваат во белиот свет.

Да ги немаше таквите како нив, силата на мафијата ќе беше помала а векот на траење покус. Да ја немаше нивната пропаганда, народот навреме ќе ја осознаеше вистината. Да го немаше нивниот лажен патриотизам, многу порано ќе го изградевме граѓанското општество. Да имаа чесни намери како што немаат, сите ние малку помалку ќе се мразевме и многу повеќе ќе се почитувавме. Да ги имаше нив во помал број, ќе имаше среќа во поголеми количини,  а идната власт немаше да биде повторно во рацете на друг „клан“. Таквата себичност за власт и концентрација на моќта во една партија и еден лик не доведе до ова дереџе. На секој нов лик и нова надеж, по наредба на шефот беа упатени „рафали“ од гнев, омраза и оцрнување….на секоја нова идеа за излез од македонскава кал, повторно се регрутираа и безмилосно „стрелаа“ до мера на линч. И сето тоа  само за пусти пари! Така на граѓаните кои беа желни за  промени и спас од злоделата како избор им остана само другиот „клан“.

Каде сме сега

Е сега сме повторно незадоволни, овојпат од другиве…Зошто? Затоа што мнозинството од граѓаните под импресии на џепарошиве  не дозволија нови лица, надежни и чесни политичари да  ги заменат „клановите“. Дозволија повторно Шекеринска да шири арогантност и печали од моменталните политики, Мила да ги лечи своите фрустрации врз највредното-децата, Филипче да се реализира како менаџер со јавни набавки, Артан Груби да продолжи да го „лета орелот“, а нереализирани партиски војници да го „крепат“ системот. И сето тоа го овозможи себичниот шеф преку поведението и нарачаните дејствија на џепарошите и тоа за евтини пари.

И сега, кој „ја продаде“ државата и кој ја донесе СДСМ повторно на власт?

Причинско последична врска има помеѓу девијантното однесување на џепарошите  и  судбината на Македонија.

Ете затоа дотичните не смеат да бидат заборавени. На буништето на историјата за нив мора да има резервирано почесно место.

Ако како народ за нешто не’ бива, освен еден на друг да си ги вадиме очите, тоа е што секогаш знаеме да си дадеме утеха. Има и полошо….Во случајов утешително делува фактот дека влијанието и важноста на апологетите на власта губат на значење. Стануваат минорни до степен на безначајност. Граѓание се помалку им веруваат. Ама системот е во колапс! Нема повеќе пари! Или поточно, пристапот на нивните газди до државните буџетски средства значително е отежнат, а посигањето во сопствениот џеб е несвојствено за нивниот ментален склоп. Работата ја комплицираше и листата на платеници кои беа придружен дел на злосторничкото здружување за систематско уништување на државата, која во меѓувреме стана предолга и претешка за одржување…

Со своето арогантно и напати простачко однесување, кога силата ја добиваа од заштитата која ја имаа од нивниот сопственик, не газда туку сопственик на нивните души, грујовите подопашници го навлекоа гневот на “обичниот“ народ. Зијанот кој си го направија самите себеси е незначителен во однос на штетата која им ја нанесоа на граѓаните и на државата. Затоа за никој од нив, за ниту еден, не смее да има прошка.