Фото: СТАРО СКОПЈЕ, град на коноп, хашиш и кокаин

СКОПЈЕ

Скопска глумица уште во 1934 година била обвинета дека земала кокаин! А од репортажата од 1 јуни 1936 година ќе сфатите дека овде ситуацијата не е останата иста само во поглед на корупцијата, сиромаштијата и нефункционалните институции, туку дека ама баш сè е исто.

Во Скопје е јавна тајна дека се криумчари кокаин и дека има приличен број скопјани и скопјанки кои го уживаат. Не е никакво чудо во Скопје да се најде отровниот бел прашок за кој се плаќаат големи суми. Само треба да се имаат „врски“ со тие кругови…

Во стариот дел од Скопје во кој живеат претежно муслимани, пушењето на хашиш и нефес не е реткост. Муслиманските бавчи се заградени со високи ѕидови па наивен минувач не би можел ни да замисли што сè се случува позади тие ѕидови.

Романтичните приказни создадоа верувања дека зад ѕидините живеат безгрижни бегови со своите многубројни жени. Се верувало дека во тие дворови се оргијало до бескрај. Но, треба да се разбие таа илузија на дојденците кои навраќаат во Скопје како метропола на една мистична земја во која се случуваат чуда и таинствени работи….