Следува голема КОВИД-ЕКСПЛОЗИЈА

Uncategorized, Македонија

Епидемиологот проф.-д-р Драган Даниловски  вели дека очекува бројот на заразени во следните денови експлозивно да расте, но не и бројот на хоспитализирани и починати.

– Останувам на својот став искажан прв пат уште на 28 ноември, кога омикрон се ширеше само во Јужна Африка: Бројот на заразени експлозивно ќе расте! Но, бројот на хоспитализирани нема да ја следи таа динамика – ниту на умрени… Ова ќе биде масовно здобивање со природен имунитет – природна „трета“ (или „четврта“) доза на имунитет против короната. Исходот ќе биде – збогување со пандемијата на ковид во Македонија напролет!, вели д-р Даниловски.

Денеска во земјава беа потврдени 1.197 нови случаи на ковид-19, што е значителен скок во однос на изминатите денови.

„Воопшто не е за изненадување што се регистрираа и комбинирани инфекции на ковид и грип! Со рестриктивните мерки против ковид, минатата година, грипот како да беше потиснат. Но, годинава, откако се релаксираа мерките… и вирусот на грипот – секогаш притаено присутен – ја виде својата шанса! Му помогна, во голема мера, драстичниот пад на вакцинацијата против грип! И сега имаме ситуација: „си го баравте- гледајте“!“, вели епидемиологот, кој додава дека комбинираните инфекции, со коронавирусот и вирусите на грип во исто време, се „сосема нормален развој на настаните“. „Од една страна, омикрон со крупни чекори ја освојува планетава! Од друга страна, вирусот на инфлуенцата (грипот) се бори за место под сонцето! И сега имаме ситуација кога сѐ почесто ќе се јавуваат комбинирани инфекции. Ништо спектакуларно! Сосема нормален развој на настаните!“, вели д-р Даниловски.