ПОНИШТУВАЊЕ на Преспански, Бугарски и Рамковен, да го вратиме името Македонија

АНАЛИЗА

Политичките анализи се предизвик во новата година, со оглед на фактот што работите на политичката сцена стануваат се покомплицирани. Ставовите на власта по однос преспанскиот, бугарскиот и рамковниот договор се јасни, а за враќање на името Македонија не станува збор. Но што ветува, односно каков став има опозицијата по овие прашања?

Оваа анализа ја базираме на компарација од ставовите на три опозициски групации кои имаат изразено ставови по надворешната политика, носечката опозициска коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ, т.н. Левица од наводно левиот блок на политичките партии и граѓанскиот центар десно ориентиран активизам околу платформата Македонски Концепт. Многу важен е судот на граѓаните, кој од тие три различни групации имаат најзрел и вистински одржлив став за „враќање на името Македонија“ и поништување на трите договори?

ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОР

Апасиев и Левица се на став дека Преспански договор треба да се поништи, но никогаш не кажа како. Пред изборите ветуваа некоја правна постапка во таа насока, но сега се предомислија, за на крај и самиот Апасиев да изјави дека тоа е невозможно. Од тука тие немаат јасна визија дали и како е возможно враќање на името Македонија.

Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ долго време не го прифаќа Преспански договор, но во моментов тој е реалност за нив, која не може да се менува, иако не им се допаѓа. Тие ќе работат на тоа да се промени таа реалност, а колку ќе успеат не може да кажат. Ветуваат залагање во таа насока кога ќе дојдат на власт.

Богојески и Македонски концепт од сам почеток Преспанскиот договор го сметаат за неодржливо решение, кое не може да се имплементира во целост без преговори и влез во ЕУ. Тие се залагаат за надградба, а не за укинување на Преспа, отпочнување на пријателски разговори со Грција за заедничкото наследството на „македонизмот“, до степен на конфедерација на Македонија и Грција и влез во ЕУ. Така ќе се врати и името Македонија, сметаат тие.

БУГАРСКИ ДОГОВОР

Апасиев и Левица, Бугарскиот договор го сметаат за катастрофален, итно да се прекинат преговорите со Бугарија, ЕУ не ни треба. Според нив, светот е мултиполарен и има алтернативи. Кина за една деценија ќе стане најсилна економија, постојат Евроазиска унија, Движењето на неврзаните, БРИКС, па Македонија може да се интегрира во тие организации. Молчат или премолчено се согласуваат со влез на Бугарите во Уставот на Македонија.

Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ сметаат дека веќе не треба да преговараме со Бугарија бидејќи овој Договор ваков каков што го потпишавме, неговата содржина е исцрпена и оваа негова содржина не нуди решение. Или Бугарите ќе се повлечат од тие нивни хегемониски барања или ние како држава треба да го напуштиме овој договор, бидејќи очигледно претставува сериозна пречка за да ние станеме членка на ЕУ. Тие се согласуваат да влезат Бугарите во Уставот на Македонија, но и Македонците во Уставот во Бугарија.

Богојески и Македонски концепт имаат конзистентен став дека Бугарскиот договор е позитивен за Македонија, но Бугарија не го почитува и целосно се однесува спротивно на истиот. Еднаш за секогаш треба да се расчистиме со Бугарите за заедничкото наследство на „бугаризмот“, преку достоинствен историски наратив кој ги храни темелите на македонската државност. Поништување на Резолуциите во двата парламенти, нов историски Илинденски договор за оставинска постапка помеѓу Македонците и Бугарите за влез во ЕУ. Изрично против влегување на Бугари во Уставот на Македонија, македонските Бугари се Македонци, а не Бугари во денешна смисла на зборот.

РАМКОВЕН ДОГОВОР

Апасив и Левица немаат истакнат став за Рамковниот договор, напаѓаат без јасен став, освен што негодуваат на вработувања во администрацијата согласно тој договор, алтернатива немаат понудено. Немаат ниту став дали се за бинационална, повеќе национална или за граѓанска држава. Користат вокабулар за создавање на меѓуетничка нетрпеливост, со цел да соберат некој политички поен.

Мицковски и ВМРО ДПМНЕ и согласно новата партиска доктрина се блиски до „едно општество за сите“ на Заев, односно за „една држава за сите луѓе“. За нив е прифатлив мултинационалниот концепт на државата, во рамки на досегашниот Устав на Македонија. Сметаат дека Рамковниот договор се злоупотребува за политички цели на ДУИ, а не се негува неговиот државен карактер.

Богојески и Македонски концепт сметаат дека Рамковниот договор е застарен и си ја заврши улогата во историјата. Потребна е целосна измена на Уставот, Македонија да стане граѓанска, а не мулти или бинационална држава, да се тргнат квоти, а граѓаните да имаат исти права без разлика на кој етнос, вера или друга група припаѓаат. Индивидуални пред колективни права.

Според вас граѓаните, која од трите опозициони понуди е поквалитетна и иновативна со издржана перспектива за иднината?