ПОКЛОН од Владата за граѓаните во 2022 година, честитки

Македонија

Новата 2022 година ја започнуваме со специјален поклон од Владата за граѓаните. Поскапува струјата и парното. Со среќа да си користите, па уште повесело да поминете оваа година.

Цената на парното греење што важeше до сега, ќе се зголеми за 14,05 отсто за сите корисници во Градот Скопје, односно и за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север, одлучи вчера Регулаторната комисија за енергетика.

Како што информираше претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, основен критериум за формирање на цената на парното греење е цената на природниот гас која лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ производство му е понудена цена од 1480 долари.

-Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас во крајната цена за парното ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената, рече вчера Бислимовски.

Посочи дека вообичаено БЕГ давал по два милиони евра во јануари за набавка на гас, а годинава ќе треба да даде 13,8 милиони евра. Разликата во цена, како што кажа, ќе ја надополнат Владата и општините на Град Скопје.

Нагласи дека е набавен гас за ЕСМ Енергетика и за топланата Скопје Север, како и за првите 15 дена од работењето на БЕГ.

Како опција, која не ја препорачува од еколошки аспекти, сите топлани можат да се префрлат на работа на мазут за само неколку дена, а БЕГ како најголем снабдувач е должен да има резерви од мазут за 15-дневно работење.

Граѓаните по Нова Година ќе добијат повисоки сметки за струја. Според најавите на надлежните, струјата од 1 јануари ќе поскапи за 9,48 проценти, а ќе се укине и дневната ефтина тарифа за струја. Ноќната евтина тарифа и евтината тарифа во недела ќе останат.

Претседателот на регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски вели дека поскапувањето требало да биде многу поголемо, но поради одлуката на Владата да им помогне со економски мерки на енергетските компании, поскапувањето за бизнисот и домаќинствата ќе биде помало.

„Ова е една од најтешките одлуки што ги донела РКЕ од своето постоење. Реалното зголемување ќе беше многу поголемо, околу 25 проценти, но успеавме да скратиме многу трошоци, а Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период“, вели Бислимовски.

Компаниите не се задоволни од одлуката на РКЕ, но според него, тие се свесни дека ако има драстично поскапување, нема да соберат пари од потрошувачите зашто ќе се намали степенот на наплата. Новата цена на струјата за корисниците на регуларниот пазар ќе важи во првите шест месеци од наредната година.

Честито граѓани, Владата ве почести со повисоки цени, но не заборавајте, можеше да биде и полошо! Оваа логика ја има само во Македонија, имуни на истата се и Танзанија, Брег на слонова коска, Зимбабве и Тунгузија. За останатиот свет не зборуваме, таму народот не дозволува вакво трзање на суво.