
КРАДЕЛЕ милиони и се заборавиле до колку
Пред неколку години беше објавена аферата за украдени деветнаесет милиони евра кои ќе треба државата да им врати на над 12.000 осигуреници, чии пари за пензиско осигурување во изминатите 10 години не им биле уплаќани во вториот пензиски столб, кој е задолжителен и во кој осигурениците имаат индивидуални сметки кај приватните пензиски друштва. Парите на осигурениците останувале во првиот државен столб, од кој се финансира исплатата на пензии за сегашните пензионери.
Таа афера ја соопшти тогашната министерката за труд и социјала Мила Царовска, и дополни дека освен за парите што не биле префрлани во приватните пензиски фондови, државата ќе треба да ги обесштети осигурениците и за приходите што би ги оствариле од инвестирање на средствата.
„Она што го откривме е дека за околу 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб, односно за нив воопшто не се распределувале средства во приватниот втор столб, иако ги исполнувале законските услови за ова. На овој начин директно им се скратува правото на овие луѓе да остварат пензија во целост. На пример, за осигуреник со просечна плата во период од 2007 до 2018 година вкупно остануваат нераспределени околу 295 илјади денари придонес во вториот пензиски столб. Односно, изгубени се околу 95 илјади денари добивка од инвестирање на индивидуална сметка со што ние ќе ги обесштетиме со околу 400 илјади денари по корисник“, рече Царовска.
Во тој период Царовска беше полетна во кариерата, а веќе е министерка во заминување. Пред да замине да ја прашаме до каде е постапката за уврдување на одговорност за директорите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) кадри на ДУИ: Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи, и за министрите за труд и социјална политика, под чија надлежност е ПИОМ Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов?
Тогаш Царовска најави дека сите документи кои биле дел од анализата ќе бидат предадени на Основното јавно обвинителство на понатамошна истрага за да се утврди зошто во тој даден период одредени финансиски средства не биле распоредувани и каде тие завршувале.
Од аферата ниту трага ниту глас, одговорност уште помалку. После да не се сомневате дека се договорени, ич не се!