ЗAEB зaминyва кaко херoj или пpeдавник

Македонија

Премиерот Зоран Заев и официјално достави оставка во Собранието која ја најави по поразот на локалните избори што се одржаа во октомври. По констатирањето од страна на Собранието тој ќе стане и поранешен премиер. Што остави зад себе на позицијата што ја извршуваше и како е доживеан?

Во писмото премиерот во заминување пишува дека за ваквата одлука се решил по исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

„Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата“, пишува Заев во оставката испратена до Џафери и до пратениците.

Премиерот во заминување наведува и дека со тоа што си поднесува оставка сака да остави пример и за идните лидери, а и да даде придонес кон јакнењето на демократскиот капацитет на народот.

Инаку тој пет години беше премиер, девет години градоначалник, две години пратеник и четири години лидер на опозицијата. Но, освен набројувањето по години на неговиот политички ангажман, тој заминува со целосно поделена перцепција на граѓаните за него. За едни е херој, за други предавник.

По изборниот пораз од ВМРО-ДПМНЕ и оставките Заев заминува оставајќи го својот избор – Димитар Ковачевски како претседател на СДСМ и најавен мандатар за составување на новата влада. Што му го донесе епитетот херој, а што предавник? По што ќе остане запаметен Заев?

Аудио бомби и 27 април. Епитетот херој симпатизерите му го припишуваат најмногу поради случувањата на 27 април 2017 година во Собранието. И фотографиите на социјалните мрежи од неговите симпатизерри се вообичаено со раскрварената глава на тогашниот опозиоционер.

Тогаш, по месеци протести предизвикани од таканаречените аудио бомби за криминално делување на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, се одржаа избори. Во декември 2016 година граѓаните гласаа. СДСМ освои 49 пратеници, а партијата што ја предводеше Никола Груевски 51 пратеник. Од декември до април, ВМРО-ДПМНЕ не можеше да состави владино мнозинство од 61 пратеник, нешто што го имаше обезбедно Заев, но тогашниот претседател Ѓорге Иванов не му го даваше мандатот да формира влада.

Сето ова и всушност доведе до таканаречениот крвав четврток во кој дојде до упад во Собранието од луѓето кои излегуваа на повик на иницијативата За заедничка Македонија и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Настрадаа Заев, други политичари, новинари, а снимките и фотографиите кои беа објавени го шокираа светот. Следуваше поддршка од меѓународната заедница и околу еден месец подоцна формирање на првата влада на Заев. За многу негови поддржувачи токму тој е херојот кој преку својата раскрварена глава ја донел слободата во Македонија.

Други, пак, негодуваат поради правниот исход за овие случувања. 16 луѓе се осудени на затворски казни од над десет години, но дванаесет обвинети меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов добија амнестија. Дел од нив подоцна гласаа за промена на името во Северна Македонија, што се доживеа како тргување со правдата во име на друга цел.

Опозицијата силно незадоволна го прогласи Заев за предавник на сите времиња, извршител на Тиранската платформа, со која им удоволил на барањата на Албанците поврзани со подоцнежното носење на законот за употреба на јазиците со кој албанскиот јазик доби поширока употреба.

Но тука несомнено, најголемото предавство на Заев за кое се обвинува е промената на името Македонија. За неговите од СДСМ тоа е херојски потег, а кој му донесе и меѓународна поддршка за решавањето на речиси три деценискиот спор за името со Грција. Со неговиот личен ангажман со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас најдоа решение – Република Македонија, стана Република Северна Македонија, која од 2020 година е и официјално членка на НАТО.

Но, токму решението за спорот го прави во очите на другите најголем предавник. Договорот кој во 2018 година во грчкото село Нивици го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас под покровителство на Заев и на Ципрас е историското предаство на Македонија.

Низ Македонија се организираа протести, а се коваа и новите епитети, како на пример северџан. Но, Заев и по смената на името во Собранието и покрај тоа што референдумот за промена беше неуспешен оти не излегоа доволно граѓани, сепак успеа да добие уште едни избори. Лани, коалицијата што тој ја предводеше успеа да освои 46 пратеници, два повеќе од коалицијата предводена од неговиот политички ривал Мицкоски.

Спорот со Бугарија влезе во посериозни обиди за решавање, поради кој се блокирани сега европските интеграции. Неколку негови изјави беа толкувани во дел од јавноста како непромислени и попустливи кон Софија, а особено жестока реакција предизвика неговото интервју за агенцијата БГНЕС.

„Имало некогаш некоја администрација, во тој момент, на почетокот, а потоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слобода, за демократија и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии – Крива Паланка, Куманово, Скопје и во целиот овој дел“, рече Заев лани во ноември.

Заев е најголемиот предавник на сопствениот народ, почнаа да тврдат од ВМРО-ДПМНЕ веднаш по оваа изјава, но со негодување реагираа и борците, владини коалициски партнери, дотогашни поддржувачи на неговата политика.

Датумите за ЕУ станаа монти пајтон акција, а Заев неколкупати досега најавуваше дека решение со Бугарија е можно, па со тоа и датум за преговори за зачленување во унијата. По промената на името, кога се очекуваше брз напредок во ЕУ на пролет 2019 година Бундестагот не донесе одлука, па Германија беше воздржана за почетокот на преговорите. Истата година есента, францускиот претседател Емануел Макрон не дозволи Скопје и Тирана да ги почнат преговорите со инсистирањето за нова методологија за преговори.

Од лани почнаа блокадите од Софија, а опозицијата за тоа го обвинува Заев поради неговата, како што велат, попустливост и непромисленост и потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година.

Случај Рекет и згаснувањето на СЈО, поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски, бегствата на поранешниот премиер Груевски и Мијалков, пожарот во модуларната болница во Тетово, оставката на Венко Филипче, забавен економскиот раст на државата, здравствена и економска криза, бавна набавка на вакцини и наводни за криминални тендери, милиoнски аванс на фантом фирма во Хонг Конг за набавка на кинески вакцини, се низата афери кои го срушија, но и ја засилија реториката за предавникот Заев.

Меѓународна поддршка и рангирања на земјава е делумно успешно. Премиерот во заминување ја имаше нивната поддршка. Беше неколкупати во друштво на Ангела Меркел, Емануел Макрон, Мајк Помпео, и други високи претставници на ЕУ, САД и Британија. Меѓународните рангирања, даваа предност во делот на демократијата, но не и во корупцијата и економијата.

На пример според годинашниот извештај на невладината организација Репортери без граници за слободата на медиумите лани Македонија е на 90 местото на табелата од 180 земји што е напредок, слично како и во извештаите на Фридом Хаус за демократијата во кои бележи постојан пораст.

Од друга страна, исто така годинава Македонија падна за пет места на извештајот на Транспаренси интернешнл за перцепција на корупцијата, па се најде на 111 место во друштво на Босна и Херцеговина, Панама и Монголија. Ова е историски најлошо рангирање на земјава.

Заев заминува да вози мотори, како предавник или херој, перцепцијата е на секој еден од граѓаните.