
ДОБРО УТРО од Аматерката со моменти пред тонење
ПОСЛЕДНИТЕ МОМЕНТИ ПРЕД ТОНЕЊЕ
пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкyлтeт
Откако се прошири веста дека бродот ќе потоне, екипажот ги спушти спасувачките чамци и го напушти. Во секој чамец по еден. Капетанот тоа го стори неодамна. Најави дека својот чин и кормилото ќе ги предаде на некој од патниците, а тој искористувајќи го последниот чамец за спасување ќе го напушти бродот. Ќе ги остави на милост и немилост сите патници кои до вчера ги убедуваше дека безбедно ги превезува со квалитетен брод и со стручен и прогресивен екипаж. Истиот тој што го напушти бродот ги убедуваше патниците дека бродот е на вистинскиот курс. После секое разбранување и паника кај патниците ги убедуваше дека се безбедни и стабилни.
Додека бродот тоне, „оркестарот„ ја свири нарачаната музика имајќи предвид дека секоја музика предизвикува принудени емоции и влијае на психата. Така патниците се помалку се свесни за тоа што ги очекува и уживаат во прекрасната синфонија.
Првата класа плови во луксуз и задоволство за кои патниците плаќаат огромни суми за секоја ситница на својот комфор. Затоа мораа да имаат работна сила која требаше да им го зголемува богатството дури тие одмораат. Некои од нивните слуги и работници резигнирано се кријат во третата класа сонувајќи за живот без класи. Во втората класа исто така не недостига комфорот и задоволството, можеби само бројот на лифтовите е помал, а во нив се возат помали крупни риби, но сѐ уште доволно богати за да имаат сѐ што ќе посакаат.
И во првата и во втората класа има луѓе познати и најбогатите жители, а меѓу нив и спортисти кои за гол, кош или сет добиваа милионски суми, или ѕвезди од шоу бизнисот кои за своите улоги во животот или во кичот добиваа исто така огромни суми. Во третата класа, пак, можат да се сретнат научници и уметници кои најчесто мораат да го трошат времето на аплицирање за грантови одошто на истражување и креативност. На опашката на третата класа се кријат најсиромашните патници во државава кои сонуваат за подобар живот , а ќе изгубат сѐ.
Секој патува со различна причина: едни живеат за работата, едни живеат од работата, едни живеат за задоволство, други сакаат да видат како тоа изгледа, а многумина живуркаат. Ни на бродот, ни во нашаето општество, нема неранливи категории луѓе. Токму затоа, денес, со позитивен тест в рака, секој сака пред сѐ да биде здрав и жив. Иако и во здравјето и во животот има класна разлика, и тоа каква!