
ЗАПЛЕНЕТИ 10 милиони во кеш!
Властите на Панама објавиле дека заплениле рекордни 10 милиони долари во кеш, кои криминалната група поврзана со колумбискиот картел Клан Дел Голфо ги стекнала со трговија на дрога.
“Таа голема сума на пари и припаѓа на расформирана криминална организација која работи со криминалната група позната под името Клан Дел Голфо”, соопштило вчера обвинителството на Панама, а главниот обвинител Хавиер Карбало додал дека “без сомнение станува збор за најголемата заплена на пари стекната од трговија на дрога во историјата на земјата”.
Парите биле пронајдени во торби во три скривници во куќа во местото Нуева Проводенсија, во северната провинција Колон, за време на полициска операција која довела до апсење на 57 лица. Во операцијата, во која учествувала и американската агенција за борба против дрога (ДЕА), запленети биле и десет парчиња оружје и 38 луксузни возила.
На властите им биле потребни повеќе од 12 часа да ги соберат и да ги пребројат парите со машини за броење, од кои некои буквално се расипале поради обемната задача. Меѓу уапсените има девет службеници, од кои пет полицајци кои се осомничени дека примале, надгледувале и прикривале големи количини на дрога со потекло од Колумбија, навело обвинителството.
Дрогата потоа, по наредба на групата Клан Дел Голфо била праќана во САД, првиот светски потрошувач на кокаин. Клан Дел Голфо контролира речиси една третина од производството на кокаин во Колумбија. Колумбиските власти го уапсиле шефот на тој картел, Дарио Антониот Усуга, познат по името Отониел, на 23-ти октомври.