
Лулјета Ајрулаи: „ЕУ и Бугapијa не ни се винoвни“
Лулјета Ајрулаи, магистер по социолошки науки за МКДенес изјави:
Денес во Скопје пристигнаа министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словенија. Тие изразија поддршка за португалскиот предлог за деблокирање на почетокот на преговорите на Македонија со Европската Унија. Кој предлог Бугарија го одби. Што се однесува до поддршката од страна на ЕУ таа никогаш не изостанувала. Секоја година имало насоки од страна на дипломатите од ЕУ со цел да и се помогне на државата во нејзиниот интегративен процес.
Но основниот проблемот не е во ЕУ, не е толку и до Бугарија иако во јавноста се експонира мислењето и впечатокот дека Бугарија е виновна за се. Треба да погледнеме во сопствениот двор што ни се случува.
Во услови кога Македонија е рангирана високо на листата за корупција. Кога според индексот за демократија е хибриден режим. Кога правосудниот систем е во колапс и нема владеење на правото. Кога имаме неодговорна и несериозна влада, која на значајни државни позиции назначува некомпетентни лица. Како може да се каже и да се очекува дека Македонија е спремна и ги исполнила условите за отпочнување преговори со ЕУ?
На Европската Унија не и треба во овој момент проблематична земја како што е нашата. Нели имаше договор за добрососедство со Бугарија? Што се случи со тој Договор каде е резултатот? Нашите политичари како што се навикнати да манипулираат со граѓаните мислат на истиот начин ќе ги прелажат и дипломатите од ЕУ. Но тоа не поминува, напротив никој повеќе не ги гледа и не ги сфаќа сериозно.
Премиерот уште 2018 година од авион најави дека сме добиле датум и преговорите ќе отпочнат во 2019 година. Денес сме 2021 година датумот никаде не го гледаме, стана невидлив. Потребно е да се избере сериозна влада која ќе има сериозен пристап за решавање на спорот со Бугарија. Која ќе спроведе сериозни реформи, тогаш ќе го добиеме и долгоочекуваниот датум.