СДСМ повторно излaжa
Пред парламентарните избори 2020 година беше отворена широка дискусија помеѓу политичките партии за измена на изборниот законик. Клучен предлог за кој се дискутираше е воведување на една изборна единица на целата територија на Македонија. Имаше и предлози за отворени листи, родова еднаквост и сл. Во рамки на таа дискусија, поради притисок на јавноста, премиерот Заев вети дека СДСМ ќе предложи и ќе воведе една изборна единица.
Тоа ветување Заев им го даде пред се на неговите коалициони партнери, кои застанаа цврсто зад тој предлог. Во таа насока предничеше партијата ДОМ на Лиле Поповска.
Предлог законско решение беше понудено од Демократски сојуз на Павле Трајанов. Таа партија истакна дека ветувањето на СДСМ и Зоран Заев е клучно за одлуката да влезат во коалиција со нив.
Слично ветување доби и ЛДП на министерот Горан Милески. Таа партија застана силно зад идејата за демократизација на изборниот процес и зад ветувањето на СДСМ.
Наспроти сите ветувања и очекувања, Владата на Заев и СДСМ даде негативно мислење за предлог-законот за изменување на изборниот законик. Со него требаше да се воведе една изборна единица и на тој начин помалите партии да имаат поголеми шанси за повеќе пратенички места доколку настапуваат независно.
Предлогот на законското решение е поднесен од пратеници на ЛДП, Демократскиот сојуз, ДОМ, Левица, ВМРО-НП, и на пратеникот од коалицијата предводена од СДСМ, Панчо Минов.
Негативното мислење е доставено и потпишано од првиот вицепремиер Артан Груби. Во него пишува дека е потребен општ консензус и дека планирана е поширока дебата на работната група со парламентарните политички партии.
Со ова Зоран Заев се сокри зад Артан Груби и ДУИ, изневерувајќи го клучното предизборно ветување. До овој момент не се забележани силни реакции од партиите потписнички на предлогот. Дали истите молчат од клиентелистички причини, останува да видиме во нареден период.