НЕОДГОВОРНО добро утро од аматерката за преживување

Добро утро

Одговорност – за да преживееме!

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкyлтeт

Сите сме ние жртви поради отсуството на одговорност. Во оваа наша држава отсутна е обврската за совесно и добро извршување на примената должност. Не постои работна задача која подразбира и прифаќање да се одговара за лошото извршување на истата. А за грешките и неуспехот се бара начин како полесно да се заобиколат.

Должноста, па и обврската се исто така споредни во секојдневното „дивеење„ и злоупотреба на системот, а со цел да се обезбеди ослободување од вината за стореното. Во овој наш „систем на вредности’’ не е вклучена одговорноста, а стратегиите на неодговорност и неотчетност се институционализирани до врвен степен. Тоа е оној познат „плуралистички шалтерски систем“, добро развиен уште од ерата на комунизмот, каде никогаш не знаеш кој шалтер и кој државен службеник, орган или тело, е одговорен за што, па во лавиринтот на бирократијата се губи секаква трага на вечно недостижната одговорност, и надлежност.

Тој бирократски мистицизам е проектиран на сите нивоа, колку да нема сомнеж за неговата важност во општеството. Дури и кога пратеници ќе се испотепаат среде Собрание, ќе најдете сешто, но не и одговорност. Дури и на највисоко ниво неодговорноста е пресликана во матрицата на така наречени „глуви лидери“, односно политички избраници кои ја гледаат реалноста, но не ја слушаат, т.е. не можат да ја видат. Тие се глуви за сите повици за каков било фидбек од оние кои таа реалност најмногу и ја чувствуваат, најчесто болно, за жал. Народски кажано, безредие!

Македонија е „Енциклопедија’’ на неодговорното живеење. Но, ако ја разлистаме и погледнеме подетално во примерите, заклучокот ќе биде многу тажен и безнадежен. Воспоставената култура на неодговорност „се размножила’’ ја загушува сегашноста и створила свои „чеда’’ за во иднина. Додека манипулациите за изигрување на системот имаат значење на робинхудовски потфат вреден за престижен статус, ние ќе тонеме се’ подлабоко, трпејќи ги последиците од истите.

„Човекот се смета за умен, не по своите присеќавања и повторување на своето минато, туку според одговорноста кон својата иднина“.