
КОЛУМНА Ајрулаи: Народот го возвраќа ударот
Народот го возвраќа ударот
пишува м-р Лyлjета Аjpyлаи, копретседател на Женски Концепт
Во првиот круг на локалните избори СДСМ на чело со Зоран Заев доживеа удар, шок од изборниот резултат. “Беа изненаѓени и увреѓени.” Затоа што имаа изгубено контакт со реалноста мислеа дека повторно ќе победат. Мислеа дека народот уште верува во нивните празни зборови.
Заев на еден собир со голема самодоверба изјави дека бил добро информиран дека СДСМ во првиот круг ќе освои 22 општини, а ВМРО-ДПМНЕ само 6 општини. Рече да му верувате, ви го покажа и лактот. И повторно излажа, затоа што не кажа дека 22 општини всушност ќе освои ВМРО-ДПМНЕ. Ај што лаже туку и упорен е во своите лаги. И сега повторно изјавува дека СДСМ ќе победеле во вториот круг, дека ја имале поддршката од народот.
Кажува дека ја примиле пораката од народот. Ќе се менувале. Исто како што ја прими пораката на претседателските избори кога најавуваше метла и чистење, но на крајот му остана само рачката во рака. И нема да се сменат. Народот им даде шанса во 2017 година, и што направија? Сега јасно може да се види дека не направија ништо. Само ја прокоцкаа шансата.
Сега народот го возвраќа ударот. Нема ништо посилно од освестен народ. Само освестен народ може да ја сочува и одбрани државата која корумпираната власт ја уништува. Моќта е во народот кој е свесен и разумен. Некој ќе каже ВМРО-ДПМНЕ не се подобри, знаеме како владееја. Токму поради тоа СДСМ сносат уште поголема вина бидејќи не само што не го сменија лошиот начин на владеење, туку го влошија уште повеќе.
Тоа што го најавуваа како живот за сите се претвори во живот за олигарсите и криминалците. СДСМ повеќе се бореше против своите членови кои укажуваа на неправдите, отколку против корумпираните и криминалците. Заев се сврте и против Максим Димитриевски, човекот кој го жртвуваше својот живот за него на 27 април 2017 година. Сега СДСМ снима рекламни спотови против него.
Замислете кога тоа им го прават на своите членови, што може да ви направат вам кои не им значите ништо. Главна одлика на СДСМ отсекогаш била ароганцијата, тие зрачат со ароганција. Во првиот круг на локалните избори СДСМ го добија тоа што го заслужуваат, во вториот круг народот обединет треба да им даде уште посилен и краен удар.
Има уште нешто многу важно, несомнено падот на СДСМ почна и ќе продолжи, но не заборавајте мора да почне и падот на ДУИ. Мора да падне и ДУИ. Мора, во спротивно ништо нема да се промени.