„Имаме три можности за ЕУ“ – ексклузивно интервју / Петар Богојески

Балкан, Интервјуа, Македонија, Политика

Ретко кој изрази критика за премиерот Заев, вицепремиерот Димитров и министерот Османи, во врска со европската агенда. Скоро сите од опозицијата молчат. Молчи лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, молчи Апасиев од Левица, молчат останати вонпарламентарни партии. Единствен кој јавно проговори е промоторот на Македонски концепт и претседател на УЕФМ, Петар Богојески.

Тоа беше повод да побараме ексклузивно интервју од него. Со напомена дека ќе ги поставиме најтешките прашања за него. Богојески прифати било кое прашање.

МКД: Богојески, која е најголемата забелешка за Заев и Димитров од Ваша страна?

ПБ: Да потпишеш Преспански договор, да потпишеш промена на име, да ја фрлиш на празно најважната карта на Македонија, а во исто време да не договориш влез во ЕУ, треба нешто да ти фали. Особено да направиш референдум со такво референдумско прашање, а да си свесен дека промената на името нема да не внесе во ЕУ. Тоа е национална катастрофа за која мора да има одговорност.

Бугарија не е оправдување, зашто ако си вистински лидер треба тоа да го предвидиш. И двајцата беа предупредени за тоа пред години. Јас пред години кажав и повторувам дека Илинденскиот договор со Бугарија не е решение, а Преспанскиот договор не е апликативен и не нуди гаранции за влез во ЕУ. Тие покажаа неумешност и недостаток на лидерство. Лесно е да си неодговорен авантурист, но на нас ни треба храбро и одговорно лидерство.

Како до ЕУ? Кои се идеите?

МКД: Добро, само напаѓате. Дајте го решението ако Вие знаете како да влеземе во ЕУ?

ПБ: Имаме три можности за ЕУ. Три патишта. Првиот е влез во ЕУ преку македонизмот. Вториот е влез во ЕУ преку бугаризмот. Третиот е хибриден, влез во ЕУ преку тоа што ние го нарековме „македонски концепт“! Друго немаме. Напуштање на идејата за ЕУ е отфрлање на идејата за Македонија. Тоа е предаство на македонската кауза. Значи мораме да избериме еден од тие три патишта.

МКД: Сите се за ЕУ, не само вие?

ПБ: Не е точно. Македонската политичка елита не е за ЕУ. Сега се сите заедно против ЕУ агенда. ЕУ означува крај за грабежот на народот. А тоа политичарите не го сакаат. Заев заедно со Мицкоски застанаа во одбрана на југословенизмот. Таму против ЕУ е и Груевски и Црвенковски. Нешто изигруваат Георгиевски и Бучковски. Но тие се само извршители на овие останатите. А сите заедно се слуги на минатото. Нив им е наложено да спречат влез во ЕУ. Нас ни треба иднината. Ние сме слободни да влеземе во ЕУ.

МКД: Што значи тоа прва можност, влез преку македонизмот?

ПБ: Тоа е патот преку Константинопол (Солун / Атина) до Брисел. Модификација на нашата државна доктрина, во делот на националната држава. Останува националниот идентите на Македонците, но модифициран во неговата основа. Напуштаме се што е славјанско, ние сме чеда на изорниот македонизам, наместо Самуил веруваме во македонската династија од Ромеја, Св. Кирил и Методиј се наши ромејски мисионери кои шират македонизам помеѓу славјаните. И нивните ученици исто така. Глаголица и кирилица се создадени за да се македонизираат Словените.

Ние сме насилно словенизирани. Наместо лавот, национален симбол ќе ни биде бикот од македонските ромејски легии.

Вселенскиот Патријарх ќе ни ја признае Охридската Архиепископија како наша Црква, онаа оригиналната создадена од Василиј Втори Македонски – Бугароубиецот.

Се што е дело на бугарската пропаганда во Македонија го оставаме на Бугарија. Егзархијата, преродбата, ВМРО, се тоа оди во Бугарија.

Тоа значи потпишување на нов договор со Грција. Нов „солунски договор“ за трајно пријателство и спојување на Северна со Јужна Македонија. Тоа „спојување“ може да значи и конфедерација, но може и послободен начин на организирање на тоа ново „пријателство“. Може да значи и бришење на „Северна“. Македонија останува национална држава, но на малку поинакви Македонци од тие што се знаеме денес ние самите. Малку поблиски и послични со Македонците од Јужна Македонија. Всушност ќе ги спојуваме славјано со хелено македонизмот, а ќе се откажеме од три милиони бугаромакедонисти. Така влегуваме во ЕУ за максимум 10 години од денес.

МКД: Свесни ли сте за каков радикален пресврт зборувате?

ПБ: Секако. Повеќе од свесен. Но обврзан да бидам отворен кон својот народ.

МКД: Подобро да не прашуваме за втората можност за бугаризмот?

ПБ: Зошто да не прашувате. Ништо спорно. Тоа значи прифаќање на заедничко минато со Бугарија. Средновековието е обратно од првото решение. Наместо на македонската династија, ние сме чеда на Самуил. Заедно со Бугарите. Преродбата и ВМРО ни се заеднички. Имаме премногу варијации на тоа „заеднички“.

Македонизмот е средство за дебугаризација на населението во Македонија. Се отвара порта за ребугаризација на Македонците. Не се допира приказната за Југославија. Остануваме чеда на Тито и Југославија. Всушност ги помируваме славјаномакедонизмот со бугаромакедонизмот. Влегуваме во ЕУ за 15 години.

МКД: Дали тоа значи дека третото решение е најприфатливо?

ПБ: Зависи што сакате. Третото решение е засукување на ракави и многу работа. Создавање на сосема нова државна доктрина.

Тоа го нарекуваме македонски концепт. Македонија станува уставно граѓанска држава, а Македонец станува граѓански идентитет. Вие сте Македонци како граѓани на државата, а што сте по етнички идентитет е Ваша работа. Дали поблизок го чувствувате македонизмот или бугаризмот си е Ваша приватна работа. Тоа значи помалку допирање во југословенизмот. Влез преку санкционирање на славомакедонизмот. На Грција не и пречи славомакедонизмот во ЕУ. Напротив, на нив им одговара негово опстојување.

Треба да се создаде сосема нов историски наратив. Ние сме чеда на најубавото од мешавината на сите култури кои биле присутни на Балканот. Од античките до современите. Со бугаризмот правиме сецесија. Го глорифицираме македонскиот сепаратизам од бугаризмот, пред се. Со хелено – македонизмот веќе е направена сецесијата во Преспа. Граѓанинот Петар е Македонец по државјанство, а етнички е Македонец создаден по природен пат, подеднакво близок и далечен и на македонизмот и на бугаризмот. Нешто како посебно дете на „љубовта“ помеѓу тие две култури. Ние ќе ги спојуваме културите на Балканот. А не да ги завојуваме како до сега. Така ќе станеме „кремот“ на Балканот. Ќе бидеме наследници на целокупното културно – историско наследство на Македонија, по територијален принцип.

Треба времено да се суспендира „северна“ од внатрешна употреба во Македонија. Треба да се ревидира имплементација на Преспа. Треба да се потпише Илинден 2. Така ќе влеземе во ЕУ за максимално 5 години. Само ние знаеме како третиот пат да го отвориме. Ние само кажуваме како треба, а на Вас е одлуката дали ќе ни дадете шанса или не. Повелете одлучете.

Бугарија и лични квалификации

МКД: После ова интервју повторно ќе бидете обвинет за бугарофилство или гркофилство. Зошто не се воздржувате од дирекно соопштување на овие прашања?

ПБ: Кој сака за што сака нека ме обвинува. Веќе кажав, јас сакам и сум обврзан да бидам отворен кон мојот народ. Тоа е! Јас сум промотор на третата можност до ЕУ. Ако таа не им одговара на граѓаните, имаат и четврта. Тоа е да си останат надвор од ЕУ, да се распадне Македонија и да биде поделена помеѓу соседните држави.

Ако ни беше малку од Букурешт, тогаш слободно изберете ја опција четири. Јас ќе се борам додека живеам за опција три. За мојот сон и сонот на нашите дедовци. Тоа е Обединета Македонија во Обединета Европа.

МКД: После жестоки судири со Бугарите, особено со вицепремиерите Каракачанов и Захариева, излеговте со став дека Бугарите не ни се непријатели?

ПБ: Токму така. Има два типа граѓани во Бугарија. Нормални Бугари и ненормални „вулгари“. Првите не ги интересира Македонија и не се за вето кон нас. Овие вторите вулгарите се делат на три подгрупи: романтични, фрустрирани и платени. Генерално се со потекло од Македонија. Романтичните вистина веруваат во пропагандата осмислена во вила Бојана дека Македонците сме Бугари. Не почитуваат и сакаат да не „разбудат“. Демек да сме биде повторно исти. Фрустрираните се најлоши. Тие се болно исфрустрирани од Југославија и од тоа што се јаничари. Знаат дека се Македонци и тоа ги боли. Тие се најчести плукачи по социјални мрежи.

Третите се платени, Бугари по професија. Создадени од југословенските служби, земаат плата да бидат Бугари и перманентно да прават македонско – бугарски судири. Тие се денес на пример собрани околу т.н. медиум Трибуна во Скопје. Или во екипата на удбашката Видојка, секретарка на Ванчо Михајлов.

Се е тоа багра до багра. Бугари по професија. Тие работат осмислено против Македонија, го создадоа ветото за Македонија. За нив е најважно Србија да влезе во ЕУ пред Македонија. Тие се исто руски инсталации и против НАТО на Балкан. Треба да ги очистиме со сите мерки. Вклучително и насилни. Државата мора да се заштити.

МКД: Дали мислите дека Македонците овие политики ќе ги поддржат?

ПБ: Веќе кажав. Нивна работа. Наше е да кажеме како треба, нивно е да одлучат како сакаат.