
HУКЛEAPКА: Еве што правел Бyjaр со диплoматcкиот швepц
Камион управуван од возач со македонски пасош бил запрен на влез во Италија од Словенија и при проверката било утврдено дека се шверцуваат цигари и алкохолни пијалаци. Нашиот извор вели дека возачот при рутинските гранични формалности покажал документи кои потврдувале дека се превезува дипломатска пошта. Но, се чини дека нешто не се совпаѓало во документацијата, па поради сомнеж бил активиран скенерот на граничниот премин и потоа бил извршен претрес, што вообичаено не се прави кога станува збор за дипломатска пошта. И, имало што да се види. Сличен случај имало и летово.
Наместо дипломатска пошта, (што може да подразбира од вистинска пошта и документи, па сѐ до опрема и мебел за амбасади, конзулати и станови на дипломати во странство или средства и опрема за реновирање), голема количина на цигари и алкохолни пијалаци била „покриена“ со дипломатски печати, пломби и документи.
Камионот тргнал од Скопје, а бил натоварен со акцизната стока во Србија. Преку Хрватска и Словенија стасал во Италија. Таму сомнежот дека не се работи само за дипломатска пошта паднал кога скенерот прикажал многу шишиња, несоодветна количина за една дипломатска пратка. Возачот е во притвор, а случајот таму се истражува. Македонското МНР бездруго е известено по дипломатски пат од италијанските власти.
Во МВР за овој случај нѐ пренасочија за одговори во МНР.
Но, велат нашите извори, ова не е единствен случај и тврдат дека станува збор за разработен канал на извесна група во која има инволвирано лица од МНР, со цел шверцот на акцизни стоки да биде прикриен со „дипломатски имунитет“. Цигарите и алкохолните пијалаци во земјите од ЕУ на црните пазари достигнуваат високи суми.
Летово бил претресен контејнер со македонска „дипломатска пошта“ кој со брод пристигнал на пристаништето во Бриндизи, Италија. Крајната адреса била амбасадата во Франција, а за содржината на „поштата“ во документацијата пишувало „…за опремување на амбасадата во Париз“.
Според нашите информации, стоката била натоварена во Софија, потоа транспортирана до Солун, откаде со брод пристигнала на пристаништето во Бриндизи, од каде пак, контејнерот, барем според тоа што пишувало на испратницата, со камион требало да патува за Париз. Но нешто било сомнително и контејнерот бил скениран, а потоа и отворен. Италијанските власти побарале известување и објаснување од пристаништето во Солун, како и од македонскиот конзулат. Нашите извори велат дека токму со напори на дипломатското претставништво случајот бил заташкан за да не пукне скандал.
Дали случајот е поврзан директно со МНР, дали станува збор за злоупотреба на службената положба на поедини службеници во министерството и, дали конечно, може конкретно да се потврдат нашите информаци и да се добијат детали од истрагата и за евентуално понесена одговорност, упативме прашања до службата за односи со јавност на МНР. Имавме предвид дека при вакви случаи по дипломатски пат се испраќа известување до Mинистерството за надворешни работи на државата која се инволвира во криминален настан.
Инаку, македонското МНР на тендер има избрано една шпедиција која ги врши транспортните како и шпедитерски услуги за превоз на лица и предмети при селидба во и од странство. Според воспоставената пракса дипломатите кога патуваат на служба во странство или се враќаат оттаму, личните и семејните работи, како и мебел и опрема ги транспортираат со шпедиција. Секој предмет е уредно запишан. Шпедиторски услуги понекогаш се користат и кога е во прашање реновирање или изградба на дипломатски објект.
По правило, граничните власти не ја отвораат дипломатската пошта, освен доколку немаат сериозен сомнеж.