
КОЛУМНА Бангиевски: „ЕВРОПА ЗДАЈ“
„ЕВРОПА ЗДАЈ“
пишува м-р Владимир Бангиевски, адвокат и потпретседател на „Македонски Концепт“
Слоганот „Европа здај“ стана популарен лозинг и симбол во времето на почетокот на деведесетите години во Словенија, кога земјата се осамостојуваше и настојуваше да фати чекор кон евро-атланските структури. Лозингот непосредно подоцна стана популарен и вон Словенија – се до нас и земјите од сега таканаречениот „Западен Балкан“ – без Албанија.
Добро, Словенија беше секако успешна приказна од земјите на поранешна Југославија и „Источниот блок“, а патем речено таа и во
поранешна Југославија „високо котираше“ по сите параметри: економски беше најразвиена република и по сите линии најпросперитетна од сите други останати сојузни републики. А и не за џабе се велеше уште тогаш – „Што јужније – то тужније“! Вистината не беше далеку од оваа фраза која и до ден – денешен остана вистинита! И еве, 30 години подоцна „Европа“ пак во Словенија. Во Брдо кај Крањ! Омилената резиденција, после Бриони, на покојниот доживотен Претседател и најголем син на
југословенските народи – Јосип Броз – Тито.
Таму за последен пат ги прими на консултации светски познатите хирурзи Дебејки и Књазеев, кои требаше да го лекуваат веќе остарениот и болен Преседател и повеќе не се врати во неа! Ако некогаш оттаму, од Брдо кај Крањ, ни се кроела судбината на нас, овдека појужно, еве и пак, после толку години, ЕУ пак ни ја скрои од Брдо кај Крањ, судбината на нас, земјите од „Западен Балкан“!
Во суштина немаше што да ни каже, а сакаше многу да каже! Пораката никогаш не била по очајна за нас „јужно“! Впечатокот
е дека ни половина немаше од оној ентузијазам за време на Солунскиот самит пред 18 години, кога ЕУ ветуваше „брда и долини“ за земјите од „Западен Балкан“ и кога беше целата „полетна“ – небаре мислиш дека тоа е „Неприкосновениот“ Сојуз на земји наречен Европска унија!
Таму, во некогашната резиденција на Тито, работите сега, на последниот Самит со земјите од Западен Балкан, изгледаа многу поинакви! Не само за нас, земјите од „Западен Балкан“, туку и за самата Европска Унија. Немаат одговори за многу прашања,
а некако сите чекаат на неа. Излезни решенија за проблемите имаат уште помалку! Им фали и некогашното единство, кое го „красеше“ Сојузот. Видно е дека „Старата дама“ сега не само што е стара – туку е и со „пневмонија“. Не само што е остарена – туку и
тешко дише! А на своите гради треба да носи уште поголем товар – наречен „Западен Балкан“! Тоа за неа е премногу! Јасно е се!
Да, сакаат да ветат, сакаат да бидат многу пооптимистични за Балканот – западно – но не можат! Не само што некогашниот
оптимизам кои ги заплискуваше сега е бледа копија, туку постои и стравување! Стравување за нив самите – накаде ќе одат понатака и како, но и стравување за било какво проширување со „проблематични“ земји, затоа што тоа може да предизвика сериозни последици по нив самите како Унија. Доволно им е искуството со приемот на Бугарија и Романија во „Клубот“! Сфатија дека политичкиот критериум за прием на нови земји – членки не е добар избор и дека неспремни земји, никако не треба да бидат
дел од Европската Унија, зошто тие се само проблем плус, на веќе постоечките проблеми со кои се соочија и се соочуваат!
Сега приказната е друга. Самитот кристално јасно покажа дека за шесте земји од Балканот, Европската Унија е далечна дестинација. Можноста за било чиј прием е речиси невозможна ни на среден рок, а камо ли во блиска иднина. Но, Самитот мора да го гледаме и како порака. Каква? Порака дека ние мора да се менуваме за да се европеизираме, ако сакаме тие да ни бидат поблиску.
Навистина, 30 години наназад ние многу малку направиве за нас самите! Потребно беше и е потребно многу повеќе! Ова за ем да ни биде подобро дома на нас, самите – ем да можеме да се доближиме повеќе и побрзо до „Старата Дама“. Тоа што сме географски дел од Европа, не ни помага ништо за прием во ЕУ во моментов! Домашната задача мора самите да си ја напишеме! И ниедна помош не е доволна од страна – ако пред се самите ние не си помогнеме на себе! Предолго останавме заглавени во старите калапи и клишеа и сеуште сме многу таму!
Некои прашања од круцијално значење никако да ги решиме веќе со децении! Покажуваме слабост и таму каде што треба да покажеме сила и цврстина! Ние, погледнато со очите на Брисел, сме сеуште регион кој треба многу да сработи за да достигне барем некои приближни Евро – стандарди. За нив, ние сме сеуште „не зрели“! А имаат може би и право! Факт е дека регионот е политички и економски се уште не стабилен, факт е дека тешко пробиваат Западните вредности и стандарти во сите области, а политичките елити се уште не можат да се ослободат од голиот популизам, за кои се свесни дека не води до резултати!
Креирањето на популистички политики само ги забавува работите и ги прави полоши понекогаш! Ние, тогаш – кога ќе сфатиме дека, Западната цивилизација од која сакаме да бидеме дел, значи пред се обврска за поинаков и поодговорен пристап во политиката и општественото живеење – воопшто, сите наредни Самити со ЕУ ќе ни изгледаат многу по „розеви“ и пооптимистични!
Затоа: Европа сега – Европа здај!