КРАЛОТ ја поддржа Интегра, спасени сме

Забава

Кралското семејство на Хунзите од Пакистан, односно кралот Мир Газанфар Али Кан и неговата сопруга, кралицата Рани Атика, во видео порака му ја дадоа својата поддршка на маестро Горан Алачки, кој е кандидат за градоначалник на Берово, предложен од Интегра.

-Тешко се наоѓа човек од калибарот на Алачки. Во име на мојот народ и моето семејство, би сакал да го видам како избран на највисоката позиција. Се знам со него 20, 30 години, би сакал да побарам од вас, луѓето од Македонија, да ја дадете својата доверба и својот глас за него – порача кралот Газанфар.

И неговата сопруга, кралицата Атика, пак порача дека е сигурна како Алачки ќе направи многу за заедницата. После овој повик на кралот и кралицата, Македонија е во шок и сите едвај чекаме да дојде моментот за гласање и веднаш даваме глас за вселенската Интегра.

Кралското семејство на Хунзите во Пакистан беше актуелно во земјава пред десеттина години, кога во медиумите се објави веста дека кралот Газанфар е заинтересиран да гради палата и хотелски комплекс во Општина Богданци.

Според тогашните објави во медиумите, кралот преку својот застапник Марина Дојчиновска (партнерка на Алачки), доставил барање до Општина Богданци, за изградба на кралска резиденција и хотелско-угостителски комплекс на кралското семејство од Хунза со површина од три хектари, во Паљурци.

Следеа бурни реакции од јавноста, посебно од жителите на Богданци, кои беа поделени во размислувањата, односно додека едни сметаа дека се работи за добар проект, други стравуваа дека можеби станува збор за политички проект. Секако голема чест беше внукот на Ацо Големиот да се насели во Паљурци. Така ќе бевме спасени.

Сепак, до денес, ниту кралската палата, ниту пак хотелскиот комплекс не е изграден во Паљурци. На сликата се гледа огромна кралска инвестиција од Северен Пакистан.

Јавноста исто така се сеќава и на посетата на кралот и кралицата во земјава во 2008 година, кога беа дочекани со сите почести од високите функционери од земјава.

Имаа средби со тогашниот премиер Никола Груевски, на аеродром ги пречека тогашниот МНР Антоњо Милошоски, со тогашниот градоначалник на Скопје Трифун Костовски, а ги посетија и сите поголеми туристички локалитети. Инаку, Хунзите се сметаат за потомци на Александар Македонски.