КОЛУМНА Ајрулаи: Не се сите исти

Колумни

Не се сите исти

пишува м-р Лyлjета Аjypyлаи, копретседател на Женски Концепт

Кога станува збор за политичарите кај нас често го слушаме изразот “сите се исти”, “сите работат за личен интерес”, сите го гледаат само својот џеб”, “немаат гајле за народот”, “никој не мисли за народот”, и пак како краен заклучок “сите се исти”.

Почитувани дали знаете со овој став и мислење дека сите биле исти, кому правите најголема услуга? На корумпираната власт, на партиите на власт. Да, власта има и сопствени соработници што ги плаќа за да го шират ова мислење со цел да создадат апатија кај граѓаните. Граѓаните да се разочараат, да се деморализираат и да не излегуваат на гласање. На тој начин власта комотно ќе ги фалсификува изборите и ќе продолжи да владее.

Најсвеж пример за ова се предвремените парламентарните избори во 2020 година. Има и граѓани кои од наивност и недоволно познавање на политиката и политичките манипулации мислат дека сите се исти. Има и граѓани кои кажуваат дека нив не ги интересира политика, но и нив ќе ги слушнете како зборуваат дека “сите биле исти”! Е сега размислете како може сите да бидат исти кога не се исти и брат со брат, сестра со сестра, дури и близнаци се разликуваат. Кога и прстите не се исти. Како може сите политичари да бидат исти?

Почитувани, политичарите може да бидат полоши, може да бидат бетер, може да бидат порасипани, може да бидат подобри, може да бидат повредни, може да бидат поуспешни, но не може да бидат сите исти, и не се сите исти. Од друга страна, ако зборуваме за политичките партии како организации исто така и тие не се исти се разликуваат пред се според нивната идеолошка матрица и согласно тоа државните политики.

Иако идеологијата на политичките субјекти во Македонија е конфузна и недефинирана. Треба да бидете свесни кога нешто не е добро, кога е дисфункционално, кога гледате дека ви наштетува, тоа треба да се смени. Значи треба промена. Треба да тежнеете кон промени кои ќе ја подобрат вашата состојба и положбата на општеството и државата.

Нареден пат кога ќе размислувате или помислите дека сите се исти, запрашајте се зошто имате таков впечаток? Зошто на нашата политичка сцена доминираат само три партии кои постојано се вртат на власт? Зошто овие партии постојано лажат и некои постојано ги поддржуваат нивните лаги? Размислете кај кого е клучот за да се сменат тие истите и да дојдат различните од нив?

Дали некогаш ви паднало на памет дека клучот за да ги отстраните оние истите е токму во вашите раце? Но за тоа мора да бидете сложни и обединети. Размислете зошто гласате за исти партии? Размислете зошто е предвидено на секои четири години да има избори? Парламентарни, локални, претседателски на пет години, зошто има избори? Размислете дали можеби вие гласате исто и затоа сите ви изгледаат дека се исти? Зошто не гласате за нови партии?

За крај почитувани размислете дали можеби вие со вашето гласање или негласање придонесувате да изгледа дека сите политичари се исти? Не можете постапувајќи на ист начин да очекувате различни резултати.