ФИЈАСКО (Видео) за Фон дер Лаен во Скопје

Македонија

Едно големо фијаско беше посетата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лаен која дојде во еднодневна работна посета на нашата земја. Нејзин домаќин беше македонскиот недомаќин премиерот, Зоран Заев кој ја прошета на неколку забарикадирани локации во Скопје.

Посетата на Урсула фон дер Лаен доаѓа во моменти на катастрофа за влијанието на ЕУ во Македонија, кое поради дволичните политики на Брисел опадна на околу 47,3%, што е историски најниско од постоењето на независна Македонија, а веројатно и од постоењето на Европската Унија.

На прес-конференцијата одржана во завршницата на агендата, Заев истакна дека Северна Македонија останува силно посветена на својот пат кон ЕУ, без притоа збор да каже за целосно изгубената доверба кај граѓаните на државава.

„Ние ги направивме сите потребни чекори и реформи и ќе ги направиме и дополнителните прифатливи за деблокирање на проширувањето на ЕУ. Се надеваме дека и земјите членки на ЕУ ќе ја реализираат декларацијата од Брдо-Крањ на словенечкото претседателство дека остануваат на заложбата за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“, истакна премиерот Заев.

Фон дер Лаен, пак, искажа пофални зборови за напорите што ги направила Северна Македонија за реформите поврзани со ЕУ, во кои никој не и поверува, а коментарите на социјалните мрежи беа преполни со потсмев дека некој воопшто и поверувал во кажаното.

„Направивте извонреден напредок и донесовте храбри одлуки. Вие испорачавте и сега ЕУ треба да испорача. Иднината на Северна Македонија ќе биде европска. Европската комисија цврсто стои на оваа определба“, нагласи претседателката на Европска комисија на прес-конференцијата со којашто ја заврши нејзината еднодневна работна посета на нашата земја.

Таа не собра сили да се сретне со ниту еден фактор во земјата, надвор од владата на Заев и да поразговара за катастрофалната доверба во ЕУ на нашите граѓани. Единствено се сретна со т.н. печалбари од ЕУ амбасадите, кои и онака ја поддржуваат ЕУ се додека имаат печалба / личен интерес. Тие „ЕУ активисти“ доколку видат поголем интерес од Русија, секако ќе сменат лентата на која верглаат веќе 30 години.

Претходно попладнево, Заев и Фон дер Лаен го посетија Младинскиот културен центар во Скопје, кој е реновиран со средства од Европската унија и ја разгледаа изложбата за придобивките од Младинската гаранција, проект кој во Северна Македонија се спроведува како единствена земја надвор од ЕУ и со која беа опфатени 60.000 млади лица со цел да се намали невработеноста кај оваа популација.

Токму за времетраење на овој проект, Македонија доживеа историски највисоко иселување на младите од земјава во државите членки на ЕУ, што значи проектот е целосно промашен.

Како што информираат од владината прес-служба, за време на посетата, претседателката на Европската комисија ја најавила испораката на првата транша од 2,6 милиони евра, од вкупно 15 милиони евра, за буџетска поддршка на Северна Македонија во однос на политиките за младинско образование и вработување.