Нема безбедносен сертификат, нема работа – двајца дипломати ќе летаат од МНР

Политика

За двајца дипломати од МНР кои не го поминаа ветингтон што го најави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, почна процедура за прекин на работниот однос. Ова е првичен резултат од вонредната анализа на состојбата со безбедносните сертификати во рамки на Министерството.

„На едно лице при проверка на безбедносниот статус одбиено му е барањето за безбедносен сертификат и не го поминал првиот филтер. За причините за одбивањето не добив образложение, а започната е и процедура за прекинување на работниот однос. Друго лице користело несоодветен сертификат. И тој не го поминува првичниот ветинг и за него следува прекин за работниот однос. Со тоа може да се заклучи дека две лица не го поминаа ветингот“, рече Османи.

Османи кажа и дека се прават темелни проверки за дополнителни шест лица, кои не побарале обнова навремено и имаат истечени сертификати.

„На нив ќе им биде ограничен пристапот до куќата, но не се одбиени и имаат рок од 7 дена да побараат соодветна сертификација. По изминување на рокот поединечно ќе се разгледува статусот на првичниот ветинг за секој од нив и соодветно на наодите ќе се одлучува укинување на ограничувањето и нивно целосно враќање на работните обврски или започнување на процес за прекинување на работниот однос во зависност од тоа како тоа ќе се одвива“, рече Османи.