
КОЛУМНА Ајрулаи: 30 години крадење
30 години крадење
пишува м-р Лулјета Ајрулаи, копретседател на Женски Концепт
Оваа година се навршуваат јубилејни 30 години од кога Република Македонија на 08.09.1991 година преку референдум прогласи независност од некогашната Федерација и стана самостојна и суверена држава. И тоа е историски момент кој остана само како едно убаво сеќавање, бидејќи наредните години потоа беа драма и се претворија во тешка борба за опстојување и егзистенција.
Всушност, 30 години Македонија постојано е во војна и се бори со своите нечесни политичари, со својата корумпирана власт, со своите шпиони, со своите предавници, со своите удбаши, со своите улизици, со своите криминалци, со својата мафија, со својот забеган народ, со своите граѓани без граѓанска свест, со соседите, со меѓународната заедница, со неправдите, со злосторствата, со сѐ. И после 30 години војна со сите, а Таа сама, ја изгуби силата, енергијата, ликот и се смени, темелите и ги поткопаа, ја ранија, ја обезличија, име и сменија, ја унаказија, ја испокрадоа, ја засрамија и ја понижија пред цел свет, и уште се фалат дека сите овие злодела ги направиле од љубов кон Неа, од љубов кон татковината!
Дали знаете колку милијарди и милијарди пари се украдени од Македонија? Доколку не се крадеше толку многу ние денес ќе бевме Швајцарија на Балканот! А ние денес сме на дното од Европа. Упропастија прекрасна земја. Кој не проколна што стигнавме на ова дно?
30 години не следат несреќи. Секоја година стануваше полоша и по бедна од претходната. Секоја власт порасипана од претходната, за на крај на триесетата година од осамостојувањето да го достигнеме врвот на пропаста и дното на глупоста. Колективна отупавост.
Жива трагедија. Не остана ништо за радување, не остана ништо со кое би се гордееле. Не остана мотив за славење. Луѓето кои ги дадоа и своите животи за слободата на оваа земја денес се превртуваат во гроб. За ова пропаст ли се бореа? Денес на власт се најголемите непријатели на Македонија кои посветено работат на нејзино доуништување. И никој не ги запира, ретко кој се спротивставува.
Корумпираните политичари, воените профитери, криминалците, бандитите и злосторниците оваа земја ја претворија во рај за себе, а пекол за чесните граѓани. И ништо не е како што треба да биде. А сѐ можеше да биде поинаку. Дали сѐ уште може да биде и да се смени на подобро?
Секако дека може. Но треба да бидеме похрабри, треба сите заедно и одлучно да се здружиме против оние кои 30 години ја уништуваат и ја крадат Македонија.